Од осум општини Конче, Кавадарци, Карбинци, Велес, Гостивар, Маврово Ростуше, Кичево и Градот Скопје, усвоени се пет стратешки планови за намалување на ризици и катастрофи. Општина Конче е првата општина во земјава што донесе стратешки план, а се очекува Градот Скопје, Гостивар и Кичево да ги донесат своите стратешки планови, беше кажано на денешната дискусија на тема „Превенција или реакција: улогата на општините при намалување на ризици од несреќи и катастрофи“ посветена на локалните капацитети за управување со кризи во Република Македонија, во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.

Новиот градоначалникот на Општина Конче, Златко Ристов изрази надеж дека во целост ќе се спроведат сите потребни мерки за спроведување на донесениот стратешки план.

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов изрази жалење што Струмица не е вклучена во проектот за донесување ваква стратегија и потенцира дека сепак се преземаат конкретни чекори, а најдобрата алатка што може да се искористи во однос на сите партнери надлежни за управување со потенцијални катастрофи, е локалниот совет за превенција, што е имплементиран во Општината од 2008 година.

Осврнувајќи се на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат општините, Костадинов за Струмица во однос на чистењето на пороите наведе дека дел од каналите што се главни за одводнување и превенирање за поплавите се узурпирани.

– Пример е каналот Свети Илија, каде имаме преку 40 експропријации затоа што согласно Законот објектите што се изградени врз самиот канал се легализирани. Имајќи предвид дека имаме заштитен појас, осум метри од едната и осум од другата страна да не смее да има градба, ние имаме легализирани објекти, даде пример Костадинов.

Дополнително тука се и населените места, наведе тој, конкретно населеното место Муртино, кое, како што рече, бара сериозни финансиски средства за трајно решавање. Само проектот за атмосферска канализација, информира Костадинов, со што конечно ќе се реши проблемот со поплавување во Муртино, каде секои две години има полави, чини 3,5 милиони денари, а реализацијата со сите потребни краци е 138 милиони денари.

– Тоа е дополнителен товар на општините и на Законот за финансирање на единиците на локалната смаоуправа. Јас не можам да предвидам 138 милиони денари со исклучива намена решавање еден проблем во едно населено место, дециден е градоначалникот Костадинов.

Дополнителен проблем е, истакна тој, финансирањето на противпожарните единици. Струмица, конкретно, информира тој, ја дели обврската со Министерството за одбрана во однос на платите на пожарникарите.

Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при ИДСЦС, појасни дека со стратешкиот план на едно место се ставаат сите работи што Општината ги прави или треба да ги прави за да се намалат ризиците од катастрофи.

– Тоа и помага на Општината во однос на тоа колку тоа чини отприлика односно не може да се зборува за имплементација ако нема финансирање на активностите што се потребни, рече меѓу другото Поповиќ, додавајќи дека превенцијата е далеку поефтина од санацијата.

Според него, меѓу другото не се инвестира доволно во превентивна инфраструктура, во градење капацитети за подготвеност за да се намалат штетите во оној момент кога ќе се случат.

Ивана Најдовска, програмски директор во Институтот за демократија локалните власти смета дека треба да се балансира помеѓу превенирање и реакција на можностите за непогоди и катастрофи, меѓутоа заштитата и подготвеноста се најважни.

– Обврзно е лидерите да разговараат и да донесуваат одлуките за инвестирање во инфраструктурата отпорна на ризици од катастрофи бидејќи се спасуваат животи, се заштитува економијата и се обезбедува одржлив развој. Мора да бидат земени предвид потенцијалните ризици од непогоди и катастрофи, потребен е и јасен и транспарентен процес на проверка од потенцијални ризици и носење на секоја одлука, рече таа.

Ендрју Бренд, претставик од Амбасадата на Обединето Кралство во Македонија, осврнувајќи се на Корона-кризата што трае веќе две години рече дека за жал ситуацијата нема да се смени брзо и додека светот се бори со корона вирусот се појасни се последиците од глобалното затоплување. Тој потсети дека ЦУК има забележано над 120 пожари во целата држава, при што се уништени над три илјади хектари, од што има долгорочни последици, не само по климата, туку и по приходите на локалното насление.

– Владите мора да се подготват за вакви големи несреќи. Локалните власти мора да планираат стратешки и да можат брзо да реагираат на овие кризи. Начинот на кој јавноста реагира има големо влијание на исходот. Граѓаните мора да се информирани и да се свесни, но и мора да има механизми за учество, со кои ќе се мобилизираат за да се работи со локалните институции, порача Бренд.

Тој нагласи дека ефективната координација меѓу националната и локалните власти е од суштинска важност за работа со кризи. И покрај тоа што мора да има национална политика за реакција во кризи, подвлече Бренд, не смее да се заборави на улогата на локалните влади во подготовката и одговорот на вакви инциденти. Тој истакна дека локалната отпорност, еластичност и подготвеност се клучни за развојот и за да се одржи животната средина и да се подобри човечкиот капитал.

Васко Поповски, независен експерт за кризен менаџмент, порача дека превенцијата го движи системот понатаму и информира дека во поширокиот регион сме препознаени како држава која има вложено доста за исполнување на целта за донесување национални и локални планови и стратегии за намалување на ризици и катастрофи, особено за донесување локални планови.

– Не треба се да заврши само на процената на штетата и загубите после настанот, туку треба да се има предвид и за потребите на наслението, врз основа на научените лекции. Да се носат политики што ќе бидат отпорни на хроничните стресови, актутните шокови што општините и заедници ги миаат секојдневно, рече тој.

Предизвиците во реализацијата на плановите во петте општини во кои се донесени, се во насока плановите да бидат алатка за програмирање, планирање и реалзиација на активнсоти и да се има предвид како да се направи спојување на она што значи намалување на ризикот, со она што значи редовно донесување планови, како да се идентификвуаат приоритетите…

Целта на дискусијата на тема „Превенција или реакција: улогата на општините при намалување на ризици од несреќи и катастрофи“ е да се отвори дискусија за идните планови, активности и потребните инвестиции за зајакнување на отпорноста и управувањето со кризи на општините по одржувањето на локалните избори во октомври; локалните системи за управување со кризи; можностите за соработка и меѓусебна поддршка на различните актери во овој домен.

Дискусијата се организира како дел од проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Македонија“, што Институтот ја спроведува со поддршка од Обединетото Кралство, преку Британската амбасада во Скопје. Проектот има за цел да го зајакне стратешкото управување со кризи во осумте општини и да го прикаже процесот на развој на локални стратешки планови за намалување на ризици од несреќи и катастрофи.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/12/2021 15:49