Нивото на водата во Охридското Езеро бележи константно покачување благодарение на врнежливото време што изминатите денови го зафати регионот.

Последните мерења покажуваат дека нивото на водата денеска е на котата 693,23 метри надморска височина или девет сантиметри под просекот за овој период од годината.

Температурата на водата е десет степени Целзиусови, што е за 0,8 степени над просекот за декември.

Од испустот на Билјанините Извори кај Студенчишта после два месеци повторно потече вода, што е показател дека се зголемуваат и дотеците од водотоците на сливното подрачје на Охридското Езеро.

Минатиот месец поради изразито неповолната хидролошка состојба со сушен период без врнежи нивото на водата во езерото се спушти на минимално дозволените 693,10 метри надморска височина.

Најавите на метеоролозите дека следува период на врнежливо време дополнително ќе ја подобри состојбата со водотоците и нивото на водата во Охридското Езеро.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/12/2021 16:07