Во изминатите 11 месеци Територијалната противпожарна единица од Кичево имаше вкупно 183 интервенции, а само во месец ноември единицата имаше 12 интервенции.

Оваа календарска година е една од годините со најмал број на интервенции.-потврди командирот Горан Соколески.

-Територијалната противпожарна единица од Кичево во изминатите 11 месеци имаше вкупно 183 интервенции, од кои само во месец ноември бележиме 12 интервенции, седум на пожари и пет технички интервенции. Од овие седум пожари еден е на објект, две интервенции се на запалени оџаци, исто толку на електрични броила, една интервенција на депонија и еден лажен повик на жител од село Лисичани. Нашата единица за 5 дена во декември имаше 4 интервенции на пожари и тоа 3 на објекти, куќа, барака, електрична табла и едно стрниште, истакна Соколески.

Тој ги наведе бројките на интервенции во претходните три години за да добиеме појасна претстава колкав обем на пожари има во тековната година.

-Тековната година е една од годините кога се бележи помал број на интервенции, бидејќи во 2018 година регистрирани се 230 интервенции од кои 176 на пожари и 56 технички интервенции. Во тој поглед рекордна е 2019 година кога се регистрирани 329 интервенции од кои 282 интервенции на пожари и 47 технички пожари. Минатата година бројот на интервенции беше најмал и за 12 месеци забележавме 159 интервенции од кои 142 пожари и 17 технички интервенции-додаде командирот.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/12/2021 16:08