Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 в среда му гостува на ППД Загреб во еден од клучните натпревари за пласман во нокаут фазата во Лигата на шампиони (ЛШ).

Македонскиот состав пред себе ќе има мотивиран противник, кој го предводи поранешниот македонски селектор Ивица Обрван, а еден од најискусните играчи во редовите на хрватскиот шампион е поранешниот вардаров ракометар Иван Чупиќ.

Обајцата вечерва на прес-конференција во Загреб изразија уверување дека хрватскиот состав ќе извојува победа над Вардар 1961.

– Вардар е сериозен противник, а овој натпревар излегува од рамките на Лигата на шампиони и има регионален карактер. Тоа ќе биде интересен и многу тежок натпревар, и за нас, и за Вардар. Шансите ни се подеднакви, иако ние сме домаќини. Во секој случај верувам во екипата и во моите играчи, изјави тренерот Обрван.

Десното крило Чупиќ, кој од 2016 до 2021 година го носеше дресот на Вардар и со „црвено – црните“ освои две европски шампионски титули оцени дека македонскиот тим е тежок противник.

– Тоа ќе биде тежок натпревар за играње. Свесни сме дека сме во ситуација во која двата бода од овој натпревар се од големо значење за она што не очекува во февруари. Целта ни е да ја минеме групната фаза, а како што сега стојат работите, еден од нас нема да мине понатаму. Мандалиниќ се враќа во нашиот тим, ќе бидеме поквалитетни и мислам дека тој за нас е многу важен играч. Тие се добра екипа, играат квалитетно, иако местото на табелата можеби тоа не го отсликува најдобро, изјави Чупиќ, истакнувајќи оти, сепак, очекува позитивен резултат в среда.

Додаде дека верувам оти за гол или два ќе бидеме подобри од нашиот противник и оти ќе ги освоиме тие два бода со кои ќе се искачат место погоре на табелата.

Вардар е шестопласиран на табелата со пет бодови, место погоре и со бод повеќе од хрватскиот шампион.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/12/2021 04:18