„Метаморфоза“ е насловот на изложбата на уметникот Бојан Ковски која ќе биде отворена вечер во Младинскиот културен центар. На изложбата, со која авторот одбележува пет години творештво во оваа гранка, ќе бидат поместени десет платна со боди-арт и две живи скулптури.

Главната порака на оваа изложба е редефинирање на телото и претворање на човекот од својот лик во нешто што наликува на суштество од друга планета со боите што ги носат пеперутките.

Метаморфоза е многу важен процес во психата на секој човек и секоја промена нѐ прави различни од минатото. Што би било доколку секоја наша промена и самата се отсликува на нашето тело? Ова е прашањето што уметникот си го поставува себеси при изработката на делата за оваа изложба.

Целта на изложбата е да ги поттикне посетителите да се замислат и запрашаат како тие самите се менуваат, што ги поттикнува и што би сакале да станат. Воедно, како прва изложба од овој тип во нашата држава, „Метаморфоза“ се труди да го посочи вниманието на нашето општество кон оваа гранка од уметноста.

Бојан Ковски зад себе има неколку самостојни и групни изложби со неговото сликарство исто така и перформанси со „Body-paint” и работа на голем број настани, реклами и видеоспотови со оваа техника



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2021 19:34