Од денеска до 26 декември во хибридна форма ќе се одржува интернационалниот филмски фестивал „Богородичен покров“, кој има за цел да ги шири духовните, хумани и културни вредности. Ова е единствениот филмски фестивал од ваков жанр во нашата држава.

Во програмата на фестивалот се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното и духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови, а ќе се прикажат 20 филмски и телевизиски програми од земјава, Русија, Србија, Чешка и Словачка, Унгарија, Романија и Франција.

Филмските проекции се бесплатни, а сите се преведени на македонски јазик, поголем дел од нив се на англиски, а дел од програмата е и на српски јазик.

Инаку, фестивалот е основан во 2016 година, и досега е поддржан од 12 амбасади во нашата држава. Фестивалот оваа година добива поширока меѓународна димензија, со поддршка на Вишеград фондот на Вишеград групата држави, како и од амбасадите на Русија, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија.

Годинава, како што информираат организаторите, ќе бидат претставени авторитативни странски партнери и продукции во специјални интервјуа, продуцирани за овој фестивал.

– Ќе се презентира култот на Св. Наум во Унгарија, кој е непознат на пошироката јавност, со проф. д-р Марта Наѓ од Будимпешта, единствен светски експерт кој ја има истражувано оваа тема. Истиот ќе биде илустриран со раритетни икони на Св. Наум од нашата држава, информираат организаторите на фестивалот.

Реприза на програмата ќе се прикажува од 1 до 16 јануари следната година.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2021 13:43