Во пресрет на божиќните и новогодишните празници, македонско-хрватското друштво и хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ”, во соработка со Центарот за култура Битола, организираа концерт на женската клапа „Виоле“ од Дрвеник и женскиот хор „Градац“ од Хрватска.

Станува збор за традиционален културен настан кој го следи публика што ја почитува хрватската песна и култура, истакна Бранко Маретиќ, претседател на МХД „Марко Марулиќ“-Битола.

-Оваа година на наша покана на концертот настапија далматинската женска клапа „Виоле“ и женскиот вокален состав „Градац“. Целта и овој пат е да ги зближиме уште повеќе двата пријателски народи, македонскиот и хрватскиот, да и пренесеме еден дел од културата и традицијата од Хрватска, на битолската публика на која сакаме да и го доближиме клапското пеење заштитено од Унеско, истакна Маретиќ.

Женскиот хор Градац е основан во 2007 година, а на репертоарот имаат класични композиции, духовни и световни од сите музички периоди, со посебен акцент на хрватската изворна музика и домашните композитори, додека пак клапата „Виоле“ од Дрвеник повеќе од 20 години ја негуваат далматинската песна.

Во рамки на културниот настан беше промовирана збирка песни „Здивот на смртта“ чиј автор е битолчанецот Зоран Пејковски, публикација преведена на хрватски јазик.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/12/2021 14:23