Новиот Предлог-закон за сметководствени работи со кој се унапредува сметководствената професија предложен од страна на Министерството за финансии вчера беше усвоен на владина седница.
Како што информираат од Министерството за финансии, Законот е изготвен низ инклузивен процес на консултации со сите засегнати страни, при што се прават клучни промени во насока на подигање на капацитетите и стручната подготвеност на сметководителите, со задолжително полагање испит за влегување во професијата, како и со зголемување на бројот на часовите за континуирано професионално усовршување (КПУ).
Дополнително Предлог законот е во насока на либерализација на пазарот на организирање обуки за вршење сметководствени услуги, при што се овозможува влез на нови правни субјекти врз основа на претходно исполнети критериуми, а по влезот на РС Македонија во ЕУ се дава можност сметководствени услуги да даваат странски физички и правни лица, со што законот се усогласува со европската директива за услуги.
– Со предложениот закон Институтот за вршење сметководствени работи ќе се дефинира како правно лице со јавни овластувања, а воедно ќе се операционализира работењето на институтот, со воспоставување органи на управување и акти за работење на Институтот, стои во соопштението.
Со цел воведување надзор над сметководствената професија од самостојно и независно тело, со Предлог законот се предлага и воспоставување Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија на РС Македонија кој како независно регулаторно тело ќе обезбеди соодветно спроведување на сите принципи за спроведување на обуките за КПУ, истовремено грижејќи се за континуираниот раст и развој на целокупната сметководствена фела, сè до обезбедување на гарантирано спроведување на сите потребни мерки за имплементација на меѓународните сметководствени стандарди.
– Со усвојување на новиот Предлог закон за вршење сметководствени работи, правото на вршење на сметководствени услуги во РС Македонија ќе се стекнува само со исполнување на критериумите дефинирани со Законот. Лицата кои вршат сметководствени работи ќе имаат законска одговорност во поглед на правилното водење на сметководството, и обврска со потпис да ја потврдат точноста на годишна сметка и финансиските извештаи, како и нивната усогласеност со законските одредби. Сметководителите и овластените сметководители ќе имаат обврска за задолжителна професионална едукација и почитување на општо прифатените етички принципи на професијата, се вели во соопштението од МФ.
Предлог-законот се заснова врз начелата за непристрасност, независност, транспарентност, стручност, професионалност и законитост при вршењето сметководствени работи.