Под водство на селекторот и капитен Кирил Лазаров, македонската машка ракометна репрезентација денеска во Скопје стартуваше со завршните подготовки за настап на Европското првенство, чиј домаќин во јануари ќе биде Унгарија, а „црвено – жолтите“ своите натпревари во групната фаза против Словенија, Црна Гора и Данска ќе ги играат во Дебрецин.

– Секогаш велиме немаме доволно време, сега имаме доволно време. Ќе направиме квалитетни подготовки, прво во Маврово, потоа во Скопје. Инсистирав на четири тест-натпревари. Сакаме да победиме и да ги видиме сите играчи со кои располагаме. Секој тренинг и натпревар ни се важни. Помладите тука „купуваат“ минути и ни покажуваат квалитет, а ние ќе одлучиме дали ќе им дадеме повеќе минутажа на големата сцена. Работиме на физичката спремност, мора да бидеме на високо ниво со големи репрезентации и да играме од почетокот до крај, посочи Лазаров на првиот репрезентативен собир.

Според Лазаров, македонските ракометари во Дебрецин ги очекуваат тешка група со квалитетни репрезентации.

– Веруваме во убави работи, но од друга страна стоиме цврсто на земја и знаеме што не очекува. Доаѓа тешка група во која е Словенија, не треба да трошам зборови за неа и за индивидуалните способности. Данска, која е олимписки, светски, европски првак. После онаа победа наша во Скопје, сигурно дека ќе не сфатат посериозно. Многу тешко ќе биде да се повтори таков успех. Црна Гора е селекција за почит, со еден селектор Рогановиќ, поранешен десен бек, тренер на кој му веруваат. Играат со срце и желба за државата. Треба да бидеме претпазливи. Ништо не треба да не изненади, наше е да работиме квалитетно., изјави Лазаров.

На местото на Никола Маркоски, кој е повреден, селекторот дополнително го повика 18-годишниот ракометар на Алкалоид, Марко Стојковиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2021 23:16