Како да се стигне до добро буџетирање и управување со побарувањата, кешот и ликвидноста, зошто е важна финансиската дисциплина за македонските компании, кои процеси се ефикасни за управување со обврските и долговите во бизнис секторот, кои се клучните индикатори за анализа на финансискoто здравје на компаниите и што промени пандемија од Ковид-19 во работата на бизнис секторот, се темите и прашањата на кои ќе се даде одговор на онлајн вебинарот за одржлив финансиски концепт.

Вебинарот кој е во организација на Бизнис конфедерација на Македонија ќе се одржи денеска преку Зум платформата.

Како што посочуваат организаторите, вебинарот е наменет за сопствениците, менаџерите и управителите на микро, малите, средните и големите компании.

– Со целото свое искуство и знаење за добро управување на своите компании, сепак менаџерите е добро да се стекнат и со нови техники и вештини како да се постигнат најдобрите резултати и навремено да се исполнат сите административни обврски на компаниите. Затоа овој вебинар е создаден преку темите да ги таргетира најслабите и најпроменливите аспекти во работењето на една компанија. Ова е една ретка можност одблиску да се дознаат нови техники за финансиска одржливост пренесени од познавачи на најновите тенденции и трендови во ефективни водење бизнис, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија.

Предавањата на вебинарот ќе бидат реализирани од страна на искусни професионалци и експерти од деловното работење Борче Треновски, професор на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Златко Поповски од компанијата Ролсофт.

Овој вебинар е реализиран со поддршка од проектот на Меѓународната организација на трудот, „Зајакнување на социјалниот дијалог“, финансиран од Европската Унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/12/2021 11:18