Збирката раскази „Нешто ќе се случи, ќе видиш“ од Христос Иконому деновиве излезе од печат како прв превод од грчки на македонски јазик во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.

Како што наведува издавачот, оваа потресна збирка раскази мајсторски ја истражува душата на грчкиот народ во услови на економска криза.

– Приказните се уникатни и сурови и навлегуваат длабоко во емотивниот пејзаж на невработеноста, гладот и очајот, но вклучуваат фрагменти од мрачен хумор и обиди за зачувување на достоинството. Од отпуштен работник кој не може да обезбеди храна за својот син до жена, чие момче ѝ го краде јајцето од гнездото, до група болни старци кои чекаат отворање на клиника, ние сме свесни за најдлабоките мисли и секојдневните постапки на обичните луѓе кои се справуваат со тешки околности кои се надвор од нивна контрола. Брилијантните слики и проникливото пишување на Иконому се едноставно убави за читање и размислување, наведува издавачот.

Христос Иконому е роден во Атина во 1970 година. Има објавено четири збирки раскази: „Жената на шините“ (2003), „Нешто ќе се случи, ќе видиш“ (2010), „Добрата волја ќе дојде од морето“ (2014) и „Ќерките на вулканот“ (2017). „Нешто ќе се случи, ќе видиш“ ја освои престижната грчка државна награда за најдобра збирка раскази и постигна голем интернационален успех.

За книгата на Иконому книжевните критичари напишаа блескави критики.

„Ла Република: Грчкиот Фокнер… една од најтрогателните хроники на економската криза што излезе од Грција.

„Панорама“: Иконому ја редефинира вредноста и архетипското значење на грчкиот еп… со неколку зборови тој ја отсликува тешкотијата да се живее овде и сега.

„Контејнер Магазин“: Дијалогот на Иконому блеска со автентичност, додека неговиот наратив премостува едноставен и често груб јазик со моменти на чиста лирика, како искра што поттикнува емоции.

„Лефт Магазин“: Декамерон на кризата.

Преводот на збирката раскази „Нешто ќе се случи, ќе видиш“ е на Петар Андоновски, дизајнот на корицата на Марија Смилевска, а книгата е дел од проектот „Креативна Европа“ на Европската унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/12/2021 12:07