Сите сме сведоци дека изминатиот период туристичко угостителскиот сектор на локално и глобално ниво како последица на пандемијата со Ковид-19 и одлуките на Владите за ограничувања и забрани во работењето се соочи со енормни штетии загуби од тековното работење. Со последиците од пандемијата ќе се соочуваме и во наредниот период со надеж дека Вашите најави и прогнози за завршувањето на истата ќе се реализираат до пролетта 2022 година со што и ќе се укинат во целост сите ограничувања за работа на угостителите, стои во обраќањето на Независната угостителска комора – НУК до премиерот.

Во продолжение се вели дека се користи оваа прилика да му се посака успех во водењето и работењето во Новата 2022 година и во продолжение, но и се доставуваат барања со цел започнување на постапки за имплементација на дигитализација и унапредување на работењето и понудата на туристичко угостителската индустрија со пренесување на права и јавни овластувања за креирање и водење на единствен национален дигитален регистар:

Единствен национален дигитален регистар на туристичко угостителската индустрија. Со цел воведување на стандарди и ред во работењето, категоризација и класификација за унапредување на услугите и понудите на угостителите и овозможување на едно место јавна и лесна достапност на сите информации на македонски и англиски јазик за потребите на домашните и странските гости, туристи и тур оператори поврзани со работењето на туристичко угостителскиот сектор Ви го доставуваме ова барање со цел започнување на постапки и донесување на одлуки за пренесување на права и јавни овластувања за креирање и водење на

Единствен национален дигитален регистар на туристичко угостителската индустрија во кои ќе бидат евидентирани и ажурирани следните регистри:

Дигитален регистар на сите видови угостителски објекти каде припаѓаат сите категоризирани објекти за сместување – хотели, мотели и останати комплекси, сите видови на категоризирани и некатегоризирани угостителски објекти за послужување на храна и пијалоци и организацијана настани и прослави – т.н. ресторани за свадби, сите видови на приватни сместувачки објекти од мал обем до 20 легла евидентирани поединечно во локалните самоуправи во кои спаѓаат издавањето на куќи, вили, апартмани соби заедно со физичките лица што вршат угостителска дејност

Дигитален регистар на производители, увозници и добавувачи на производи и услуги на угостителската индустрија во кои ќе бидат опфатени македонските производители, увозници и дистрибутери на храна и пијалоци, македонските производители, увозници и дистрибутери на опрема согласно постојните стандарди за опремување на угостителски објекти, македонските производители, увозници и дистрибутери на потрошен материјал и инвентар за угостителската индустрија.

Со воведувањето на овој единствен национален регистар би се овозможило унифицирање и стандаризирање на целокупната угостителска индустрија со што би се олеснило и забрзало работењето на повеќето инспекторати задолжени за угостителската индустрија со воведувањето на нивната дигитализација и би се создале услови за елиминирње на сивата и нелојална конкуренција.

Воведување на лиценци – потврди на угостител и угостителски објекти за учество во јавни набавки Со оглед дека македонски државните институции годишно преку јавни набавки и тендери трошат повеќе од 30 милиони евра за угостителски услуги, ноќевања и туристички аранжмани со патувања Ви доставуваме и барање со кое ќе донесете одлука за тендерските документации да се воведе и поседување на задолжителни лиценци -потврда за угостителите кои учествуваат на јавни објави – тендери како задолжителна потврда дека се евидентирани во единствениот национален регистар и се редовни членки во една од постојните туристичко угостителски комори. По примерот на другите лиценци кои ги издаваат коморите (Адвокатска Комора, Лекарска комора, Комора на извршители, Нотарска комора итн) за вршење на соодветната дејност, потврдите или соодветните лиценци за угостителите би се издавале од постојните или новоформираните специјализирани комори за туристичко угостителската индустрија.

Изедначување на линеарен данок на додадена вредност на сите угостителски услуги Да не заборавиме да Ве потсетиме дека Владата до крајот на 2022 година требаше да го исполни и реализира остатокот од ветувањето за воведување на линеарен данок на додадена вредност за угостителската индустрија во висина од 10% на сите угостителски услуги.

Финансиска помош и поддршка и субвенција за плати за период 16.08 – 31. 12.2021 год. Со последните одлуки и нивните промени со кои Владата по препорака на Комисијата за зарази болести им забрани на гостите кои не се имунизирани (не се вакцинирани) да ги посетуваат угостителските објекти заедно со забраната односно ограничувањето на работењето на угостителските објекти со 50% од капацитетите,угостителите во периодот од 16-ти Август до денес претрпеа енормни штети и загуби и имаа смалени приходи од 30 до 70% од приходите што би ги реализирале од нормалното работење. Во име на Владата Вие како Претседател на Влада и Министерот за економија во неколку наврати најавивте и ветивте дека до крајот на годината ќе се погрижите да им помогнете на угостителите и угостителската индустрија со пакет мерки со кој ќе допринесете во намалување на штетите и загубите. За жал до ден денес ова Ваше ветување и ветување на Владата не е исполнето и се надеваме дека пред да ја напуштите Вашата функција и како Претседател на Влада на последната седница на Владата ќе донесете одлука со која директно преку финансиска помош и субвенција ќе им помогнете на угостителите и вработените во угостителската индустрија да ги смалат штетите и загубите и успеат да ја пребродат зимата до завршувањето на пандемијата со Ковид-19.Се надеваме дека ќе излезете во пресрет на нашите барања во интерес на опстанок и унапредување на работењето на туристичко угостителскиот сектор и ќе ги задолжите надлежните министерства, институции и инспекторати да закажат работни средби со коморите и формираат работни групи за реализација на барањата за стандардизација и дигитализација на македонската туристичко угостителска индустрија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/12/2021 03:07