Од почетокот на месец октомври годинава Стопанската комора на Македонија презема чекори и дејствија со цел поддршка на македонските компании и обезбедување на потребните количини енергенси по најдобри можни цени во услови кога вредноста на струјата на светските берзи се продава, и до пет пати поскапо, од онаа која се набавуваше пред само неколку месеци. По реакција на македонските компании дека имаат проблем со најави за зголемување на цената на електричната енергија на слободниот пазар од лиценцираните снабдувачи, реализираниот состанок на 8.10.2021 година со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, директорот на државното ЕСМ, претставници на Владата, кабинетот на премиерот во присуство на компании на состанок организиран во хибридна форма, следуваа и серија други состаноци на оваа тема на различни нивоа во изминатиот период во кој се разговараше за повеќе опции.
Во ек на се уште актуелна здравствена и економска криза, енергетиката во моментов е една од клучните и интервенти за решавање, со цел непречено функционирање на компаниите. Нашите членки заслужуваат да имаат Комора која за функционалноста на своите членки е подготвена да направи се, вели Извршниот директор на Комората м-р Антони Пешев
Пред еден месец на 29.11.2021 година, директорот Пешев на прес конференција информираше дека, во насока на поддршка на членките, Стопанската комора е во фаза на организационо преструктуирање, со цел инфраструктурата да се стави во функција на членките во многу брз период и да им помогне на компаниите-членки да имаат сигурност при набавката на електрична енергија во услови на криза и да придонесе за отстранување на високите маржи.
Друштвото за трговија и услуги ККУ Глобал ДООЕЛ Скопје, регистрирано од Стопанската комора на Македонија, со седиште на ул. “Димитрие Чуповски” бр.13, доби Лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со електрична енергија од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ. Лиценцата за вршење на енергетска дејност снабдување со електрична енергија е добиена во согласност со Правилникот за лиценци по поднесено Барање за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со електрична енергија.
За да им излезе во пресрет на членките со цел надминување на сериозната енергетска криза која ќе има и сериозни негативни последици по целокупната економија, Стопанската комора на Северна Македонија целосно ја заокружи законската рамка за регистрирање и ставање во функција на компанија за снабдување и трговија со електрична енергија.
Одлуката на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија е, друштвото за трговија и услуги ККУ Глобал ДООЕЛ Скопје да не се активира додека не дојде во состојба во која државните компании не ќе бидат во можност да ги извршуваат обврските или снабдувачите да ги опслужуваат нашите членки.