Очигледно дека Државното правобранителство и Основниот граѓански суд во Гостивар се многу заинтересирани да ги доограбат веќе ограбените физички и правни лица доверители во тековната стечајна постапка над Еуростандард банка. Првично покрадени со поддршка на Народна банка и останати државни институции кои дозволиле организираниот грабеж во Еуростандард банка да се случува со години, сега нивни колеги од државниот систем го продолжуваат грабежот над доверителите, само користејќи друг начин.

Тој начин е преку директна заштита на интересите и целите на физички и правни лица должници во Еуростандард банка. Во овој случај, се работи за аналитичарот Алберт Муслиу кој е заложен должник за долгот на фирмата Прагматика ДООЕЛ Гостивар кон Еуростандард банка. Оваа фирма како и фирмата Теута-рам ДОО Гостивар, во сопственост на Алберт Муслиу, заедно должат речиси 800 илјади евра кон Еуростандард банка веќе три и пол години. Но, наместо да платат тоа што го должат, тие ги злоупотребуваат државните органи да насилно присвојат имот во Гостивар што не е нивен, туку е во сопственост на Еуростандард банка.

Со намера да ја спречат продажбата на имотот во Гостивар на Еуростандард банка во стечај, фирмата Прагматика, тесно поврзана со Алберт Муслиу, вршеше притисок на органите кои ја водат стечајната постапка со цел продажбата да не се реализира до крај, но во тоа не успеа. Кога им стана јасно дека не можат да влијаат на органите што ја водат стечајната постапка, свој сојузник пронајдоа во Државното правобранителство застапувано од Шоип Фидани, државен правобранител за подрачје Гостивар. Тој експресно го прифатил барањето на оваа фирма за утврдување на ништовност на Решението за приватизација на продадените објекти и земјиште, нешто што е легално завршено и дозволено од државата пред повеќе од 10 години. И за таа цел, Шоип Фидани поднел предлог за издавање на привремена мерка до Основниот граѓански суд Гостивар за да се спречи запишувањето на новиот сопственик во катастарот на недвижности. Уште поекспресно, судијата Илјаз Исмаили од Основниот граѓански суд Гостивар го усвоил предлогот вон рочиште и ја изрекол бараната привремена мерка. Со ваквите постапки, тие, заедно со управителот на Прагматка, Кораб Хајдари, бескрупулозно газат по правната држава, не бирајќи средства да дојдат до целта. На тој начин не се заштитуваат интересите на државата, бидејќи тие може да биде заштитен само ако се почитуваат законите. Со изрекување на привремената мерка преку непочитување на законските одредби, не само што не се заштитуваат интересите на државата, туку се предизвикува штета на стечајната маса на банката и на сите доверители кои очекуваат намирување на своите побарувања преку стечајната постапка што се води врз банката. Дотолку повеќе што постигнатата цена на електронската аукција, која е веќе платена од купувачот, е повисока од проценетата вредност на имотот.

Времената мерка е донесена со тврдење дека се води управна постапка за ништовност на приватизираниот имот од државата во 2011 година. А всушност, не постои ниту решение ниту било каков друг доказ дека се води управна постапка или дека е прифатено евентуално барање за водење на таква постапка за ништовност на решението за приватизација. Се работи за имот во сопственост на Еуростандард банка во стечај, којшто е стекнат преку решение за приватизација во 2011 година, а за којшто имот е платена цената во целост. И тоа, плаќањето е сторено токму во полза на државата чии интереси ги застапува Државното правобранителство Гостивар.

Во целиот овој случај има јасна злоупотреба на јавните овластувања и службенате положба на државните функционери, проследени со сомневање за високата корупција и криминал. Овој случај може да се смета како класичен пример каде под закрилата за заштита на државните интереси се прави обид за реализација на приватни цели на правни и физички лица. И тоа не само на штета на државата, туку и на штета на интересите на доверителите што чекаат своите побарувања да ги реализираат преку продажба на имотот од стечајната маса на Еуростандард банка.

Јавно го повикуваме Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да делува по поднесените кривични пријави за сторен организиран криминал и корупција каде учесници се најмалку три лица. Воедно, јавно го повикуваме и Судскиот совет да постапува по поднесеното барање за утврдување на одговорност за судијата Илјаз Исмаили од Основниот граѓански суд Гостивар кој го донел решението, бидејќи тоа содржи толкави незаконитости што истите не би можеле да се подведат под „слободно судиско“ убедување при оценка на доказите. Во исто време, при постапувањето се направени толку многу пропусти кои не можат да бидат резултат на нешто друго освен на нестручност и несовесност, или евентуално на намера, наместо да се примени законот, да се задоволат интересите на правни и физички лица затскриени преку фирмата Прагматика.

Дали конечно некој во државава ќе направи нешто да има одговорност и казна за овој организиран криминал и висока корупција, а за кои единствени директни оштетени и ограбени сме токму ние, над 3.000 семејства, кои ги почитуваат законите во државата и ги плаќаат државните органи да ги штитат нивните интереси, а не обратно?

Интегрален текст од соопштение до јавност на Оштетените штедачи на Еуростандард Банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/01/2022 09:14