Скулптурата на професорot Никола Смилков од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип е дел од Меморијалниот центар за оживување на хуманоста во Шарм Ел Шејк во Египет. Овој Меморијален центар е отворен вчера, а скулптурата „Хумано срце“ на штипјанецот Смилков е дел од 75 скулптури на уметници од целиот свет.

Смилков за МИА појаснува дека идејата на проектот Меморијален центар за оживување на хуманоста е обединување на целиот свет во мисија за оживување на нашата одамна заборавена човечност, хуманост, која ја губиме како резултат на многу војни, тероризам и несреќни настани.

– Овој проект Меморијален центар за оживување на хуманоста е потсетник на светот дека треба ја заживееме хуманоста како една наша неопходност. Учеството во овој грандиозен проект е благодарениe на прифатената апликација, со која аплицирав на објавениот конкурс од страна на Светскиот младински форум (World Youth Forum) за симпозиумот Reviving Humanity“ во 2018, дел од проектот за изградба на Меморијален центар за оживување на хуманоста, проект на познатата дизајнерска куќа Shosha Kamal Desing House, предводена од познатата египетска дизајнерка Shosha AboulKheir, рече Смилков.

Посочи дека неговото идејно решение беше прифатено и ја добил поканата да учествува на светскиот симпозиум заедно со 75 уметници од 75 држави во Шарм Ел Шеик во Египет.

–Скулптурата со која се претставив ја реализирав во мермер со димензии 60 х 50 х 50 со наслов „Хумано срце“, која е дел Меморијалниот центар за оживување на хуманоста. Вчера можевме да го проследиме официјалното отворање на Меморијалниот центар кој е дополнет со вкупно 195 скулптури од 195 држави во овие изминати три години, додаде Смилков.

Неговата скулптура „Хумано срце“ е содадена токму во Египет, каде што престојувал околу дваесетина дена и имал, како што рече, незаборовно искуство со неговите колеги од целиот свет.

Скулптурите во Меморијалниот центар за оживување на хуманоста се изложени на отворено и веќе од денеска претставуваат атракција за оние кои ја сакаат уметноста, како и за бројните туристи во оваа позната светска туристичка дестинација.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2022 15:52