Во Јапонија неодамна беше спроведено истражување со цел да се утврдат причините за долговечноста кај најстарите Јапонци. Беа идентификувани шест причини.

Областа Окинава се нарекува „сина зона“ – онаму каде што луѓето живеат долго. Животот до 100 години на овој остров е двојно почест отколку на другото копно на Јапонија.

Првата тајна за тоа е очекувана – здравата исхрана. Д-р Бредли Вилкокс, дел од тимот истражувачи, истакнува дека основата на нивната исхрана е растителното потекло. Како што рече тој, тие јадат и до килограм зеленчук, овошје и мешунки дневно.

Освен тоа, жителите на Окинава го практикуваат она што се нарекува „хара хачи бу“ – јадење додека не се задоволат 80 отсто од гладта. Според д-р Вилкокс, речиси сите имаат позитивен став кон животот и она што тие го нарекуваат „икигаи“ – јапонски поим за чувство за цел.

Тоа значи дека еден 102-годишник, на пример, си ја наоѓа целта во грижата за своите бикови. Некои наоѓаат цел во семејството, или пак, религијата.

Останувањето ментално активни е третата причина за долг живот на Јапонците. Во нивниот речник нема збор за „пензија“, нагласува д-р Вилкокс, потсетувајќи дека тоа позитивно влијае на нивното целокупно здравје.

Дружењето е четвртата причина. Граѓаните од овој дел на Јапонија имаат многудетни семејства и одржуваат силни социјални врски. Дружењето е често, особено со чај. Честото размислување за воспоставените односи со луѓето е петтата причина, додека шестата е изразената духовност. Духовноста се пренесува низ генерации меѓу жителите на Окинава.

Други таканаречени „сини зони“ во светот се градот Нуоро на Сардинија (Италија), грчка Икарија, костарикански Никојај и Лома Линда, Калифорнија, САД. Во сите овие делови на светот, жителите имаат силни семејни врски, исхрана заснована на зеленчук и овошје и здрав и активен живот.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2022 11:45