Музејот на современата уметност – Скопје стана дел од Меѓународната комисија на музеи и колекции на модерна уметност – ЦИМАМ (International Committee for Museums and Collections of Modern Art – CIMAM), во која членуваат директори и куратори од светски познати музеи, колекции и архиви за модерна и современа уметност.

Според директорката на МСУ Мира Гаќина, членството се должи на тоа што биле препознати напорната работа, исклучителната посветеност и грижа за колекцијата, излегувањето од нашите граници на меѓународната сцена, богатата програма и „Големото стакло“.

-ЦИМАМ ги застапува интересите на професионалците во музеите на модерната и современата уметност и ги нуди ресурсите и можностите за размена, кои се неопходни за развој на оваа дејност. Ова членство дополнително ја зацврстува позицијата на МСУ помеѓу најреномираните музеи на современа уметност во светот, вели Гаќина.

ЦИМАМ е дел од Меѓународниот совет на музеи (ИKОМ), мрежа од повеќе од 35 000 членови – музејски професионалци, кои ја претставуваат глобалната музејска заедница. Основана во 1962 година, визијата на оваа глобална мрежа е свет во кој се препознава и почитува придонесот на музеите, колекциите и архивите на модерната и современата уметност за културната, социјалната и економската благосостојба на општеството.

Целта на ЦИМАМ е да поттикне глобална мрежа на музеи и музејски професионалци од областа на модерната и современата уметност со цел да се подигне свеста и да се одговори на потребите на овие музеи. Членовите на оваа глобална мрежа еднаш годишно одржуваат конференција на која дебатираат за теоретски, етички и практични прашања поврзани со организирање изложби, креирање програми, споделување искуства и посети на најистакнатите уметнички институции на современата уметност во светот.

Првата годишна конференција на ЦИМАМ е одржана во 1962 година во Хаг. Оттогаш Комитетот имал над 50 конференции во 30 различни градови низ светот.

Во рамките на својата програма, обезбедува и грантови за патувања што подразбира поддршка на кураторскиот и истражувачки развој на поединци преку нивното присуство на Годишната конференција. Од 2005 година досега, ЦИМАМ има поддржано повеќе од 300 млади кустоси и директори на музеи кои имаа можност да присуствуваат на годишната конференција.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2022 12:09