Развојот на дигиталните алатки во општините ќе овозможи поквалитени услуги, спречување на корупцијата и еднакви можности за сите. За таа цел потребна е соработка помеѓу локалната и централната власт, но и донатори кои ќе го приближат процесот на дигитализацијата, беше заклучено на денешната јавна дебата на тема „Дигитални предизвици за општествена трансформација“, во организација на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и фондацијата „Фридрих Науман“.

На дебатата беше истакната важноста на развојот на дигиталните услуги во општините, но и потребниот начин на справување со предизвиците кои ги носи самата дигитализација.

Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма на ИДУЕП, потенциора дека изборите се најдобар показател за потребите на граѓаните, а квалитетните услуги се еден од начините за задовоување на тие потреби.

-Изминатите две односно три години граѓаните испратија јасни пораки на парламентарните и локалните избори, првата е дека гласаат за понуда и дека ниедна партија, граѓаните не може да ги држи во „својот џеб“ и засекогаш туку дека тие се повеќе одлучуваат за кого ќе гласаат врз основа на понудата, програмата и кандидатите, втората порака е дека сакаат, очекуваат и повеќе нема да толерираат доколку носителите на јавните функции не се ефикасни, денеска можеме да видиме една интересна ситуација во која граѓаните решија да направат баланс, на локалната и извршната власт, да бидат водени од различни политички опции, ваквата поделена одговорност е финална порака со цел политичките партии да почнат да испорачуваат резултати, да бидат ефикасни, а тоа најдобро може да се направи доколку ги ставиме во функција дигиталните алатки, појасни Кордалов.

Од друга страна пак, министер за локална самоуправа, Горан Милевски рече дека за Министерството за локална самоуправа, дигитализацијата е врвен приоритет, и овој приоритет е адресиран до сите надлежни органи.

-Кога зборуваме за децентрализација на власта секогаш ги имаме предвид придобивките за граѓаните за подобри услуги, намалување на просторот за судир на интереси и корупција, во тој правец ги следите препораките на советот на Европа. Најсигурен, најбрз и најефикасен начин за постигнување резултати е дигитализацијата на работните процеси и на услугите за граѓаните, рече министерот Милевски.

Посочи дека во изминатиот период се направени две анализи за потребата и подготвеноста на општините за овие процеси

-Во последната анализа 2018 година, ацентот е ставен на воспоставувањето на едношалтерски систем во сите општини, основните предуслови за дигитализација на услугите на локално ниво се стандардизација на процесите и обрасците во сите општини, соодветна техничка опрременост, доволно човчки ресурси, во некои општини има целосно или делумно дигитализирани услуги, но тоа не е резултат на системско решавање на работите. Врз основа на досегашните направени анализи може да се констатира дека на општините не им се потребни дополнителни човечки ресурси, но затоа пак е потребна соодветна обука за да можат успешно да се вклопат вработените во процесот, укажа Милевски.

Информира дека во своето работење околу 85 отсто од општините користат стандардни обрасци, а само половина од општините главно урбаните, дигитализацијата ја гледаат како приоритетно прашање.

Според Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, дигитализацијата е битна не само за локалната самоуправа туку и за сите во државава.

-Сметам дека донаторите тука не се клучни во целиот процес на дигитализацијата многу поважна е соработката на локалната со централната власт. Потребна е волја внатре во власта, исто така, предложивме на Владата проект кој се однесува на издавање деинтегрирање дозволи и сакавме истиот да го направиме тотално дигитален да може да се издаваат деинтегрирани дозволи. На тогашниот министер му кажавме дека е потребно е во законот да се напише дека дозволите ќе се издаваат електронски, тој беше толку исплашен од оваа промена и стави во законот може да се издаваат и електронски. Знаете колку се издадени електронски дозволи од тогаш? Нула. Значи мора да се има концепт кој што ќе ги приморат учесниците во овој процес, оцени Перишиќ.

Бардил Јашари, извршен директор на Фондација „Метаморфозис“, се согласи дека воведувањето на дигитализацијата носи предизвици, посочувајќи дека треба да се внимава да не се создаде т.н дигитален јаз и да се обезбеди сигурност на личните податоци.

-Освен предизвиците со самите услови ќе бидеме соочени и со предизвиците кои ги носи дигиталното опкружување, затоа потребна е визија, таа визија треба ние да ја направиме, сите надлежни институции во консултација со граѓаните и не е дека кај нас не постојат стратегии, но речиси секоја стратегија, најмногу се однесуваат на услугите кои ги дава централната власт, малку се посветува внимание на дигитализацијата на услугите кои ги даваат општините. Многу е важно да се развие методологија на мерење на задоволството на корисниците на е-услугите, и таквите мерења да станат пракса и да се објавуваат, затоа што сите ние треба да се консултираме, на разни начини за да се процени дали дигиталните услуги со начинот на кој се испорачуваат ги задоволуваат потребите на граѓаните, да се сведе на нула бројот на нецелосни и неажурни е-услуги, бидејќи има многу услуги кои се неажурни или застарени, како на пример достапноста на контактите на општинските службеници, таа неажурност е голем предизвик кога сакаме да воведеме дигитални услуги, заклучи Јашари.

Воедно додаде дека дигитализацијата ќе предизвика потреба од обезбедување на место за граѓаните кои немаат пристап до дигиталните алатки, заради избегнување на дигиталниот јаз.

Сите учесници се согласија дека дигиталните предизвици за општествена трансформација може да се надминат преку јасна визија, стратегија и соработка.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2022 16:00