Хедвика Усеник, Антонио Аргир и Андреј Ласиќ се тројцата нови членови на Управниот одбор (УО) на НЛБ д.д Љубљана, одлучи Надзорниот одбор.
Со изборот на тројцата нови членови, тимот на УО се прошири на вкупно шест члена. Усеник, Аргир и Ласиќ доаѓаат од НЛБ д.д или НЛБ Групацијата, имаат долгогодишно искуство и се веќе докажани во својата работа. Моментно, сите се извршни помошници на Управниот одбор на НЛБ д.д: Хедвика Усеник за работа со население и приватно банкарство, Антонио Аргир за НЛБ Групацијата и Андреј Ласиќ за корпоративно и инвестициско банкарство.
Петгодишниот мандат на новите членови ќе почне откако ќе добијат согласност од Централната банка на Словенија, а дотогаш ќе продолжат да ги извршуваат функциите – извршни помошници на Управниот одбор.
– Надзорниот одбор беше свесен од потребата да се комплетира Управниот одбор на Банката доколку сакаме и во иднина добро да управуваме со Групацијата, да продолжиме успешно да работиме и да ги исполниме стратешките заложби дадени кон засегнатите страни, првенствено кон нашите клиенти, акционерите и кон вработените. Драго ми е што ги најдовме вистинските луѓе во Групацијата кои ќе продолжат успешно да ја водат како eден тим и во иднина. Ова е секако многу комплексна задача во високо конкурентна и променлива средина, но ние сме убедени дека тие ќе одговорат на задачата“., рече претседателот на Надзорниот одбор, Примож Карпе.
Според извршниот директор Блаж Бродњак, тројцата колеги ги знаат клиентите, партнерите и целиот тим на вработени во НЛБ Групацијата
.-Со сите тројца колеги многу добро се познаваме, долги години работевме и дишевме заедно, а ги знаат и нашите клиенти, нашите партнери и целиот тим на вработени во НЛБ Групацијата. Убеден сум дека тие се најдобриот избор и со гордост, радост и доверба кон нив го очекувам нивното приклучување кон Управниот одбор на НЛБ д.д, истакна Бродњак.
На вчерашниот прв состанок, Надзорниот одбор на НЛБ д.д Љубљана се фокусираше на имплементација на стратегијата на НЛБ Групацијата и статусот на вклучување на факторите за управување со еколошките и социјални аспекти во деловниот модел на НЛБ Групацијата.
-НЛБ Групацијата од неодамна порасна и стана клучен играч на дури седум пазари во Југоисточна Европа, со успешното купување на Комерцијална банка Белград во декември 2020 година. Овој раст продолжува со активно барање нови можности за органски раст или проширување преку спојувања и аквизиции. Исто така, стратегијата на Групацијата се фокусира на интензивна дигитализација и корисничко искуство со врвен квалитет, како и посветеност кон одржливо работење и развој. Сето ова бара и ќе бара и во иднина уште посеопфатно, координирано и ефикасно управување, како на одделните деловни сегменти, така и на Групацијата во целина, но и искористување на сите синергии во рамките на Групацијата. Управниот одбор на Банката, надополнет со три нови членови е соодветно подготвен за овој предизвик и претставува најдобра комбинација на разновидни знаења, искуства и компетенции. Петгодишниот мандат на новите членови ќе започне откако ќе добијат согласност од Централната банка на Словенија, а дотогаш ќе продолжат да ги извршуваат функциите – извршни помошници на Управниот одбор, наведуваат од НЛБ.