Четири бронзени медали освои македонската сноуборд репрезентација викендот на меѓународниот ФИС натпревар што се одржа на Бјелашница, Босна и Херцеговина. И покрај неповолните временски услови, спортистите кои се дел од Скијачка федерација на Македонија, успеаја да обезбедат добар пласман на ова натпреварување.

Карло Дерибан освои трето место во категоријата „Big Air“, Ведран Лауренчиќ во категоријата „Slopestyle“ и Слободан Саздовски освои две бронзени медали во категориите „Slopestyle“ и „Big Air“, во различни возрасни категории.

Ова е прв меѓународен ФИС натпревар за најдобрите македонските натпреварувачи во сноуборд во 2022. Со постигнатите резултати на натпреварот во скијачкиот олимписки центар на Бјелашница, македонските спортисти ја исполнија нормата на Скијачката федерација на Македонија. Натпреварот го организираше клубот Freestyle од Сараево.

– Големата посветеност и љубов кон овој спорт, придонесоа за овие врвни резултати и покрај неповолните временски услови. Нашите спортисти покажаа дека се конкурентни и дека поседуваат одлични квалитети со кои можеме да се гордееме. За мене овие успеси се дополнителна мотивација, но и обврска во иднина да работиме повеќе и да постигнеме уште подобри резултати. Истовремено ќе работиме на создавање на што подобри услови за тренинзи и развој на зимските спортови“, истакна Кирил Насков, тренер во Скијачката федерација на Македонија.

Македонските спортисти во рамките на планираните активности следниот викенд ќе учествуваат и на меѓународниот натпревар што ќе се одржи во Анилио, Република Грција.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/01/2022 13:47