Регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари” бара отштета за над 1 300 земјоделци поради летната суша.
Претседателот на здружението, Дане Јошев информираше дека по повикот од општините Кавадарци и Неготино за пријавување на последици од суша, се пријавиле 1 325 земјоделци.
– Се работи за лозари и овоштари кои претрпеа штети од суша, а во тој момент имаше проблеми и со недостаток од доволно вода за полевање, кај оние насади кои се под систем за наводнување. Затоа очекуваме отштета од државата за претрпените штети и изгубениот приход од земјоделските имоти, нагласи Јошев за МИА.
Тој рече дека се надеваат дека ќе добијат пари најбрзо што е можно, бидејќи, како што додаде, новата производствена сезона е започната и земјоделците се на терен, па имаат потреба од финансиски средства, за организирање на производството.