Зимските олимписки игри во Пекинг се историски за Тетово бидејќи по прв пат тетовец ќе настапува на најпрестижното натпреварување во зимски спортови. Tоа му успеа на скијачот во алпски дисциплини Дардан Дехари, кој на Олимпијадата ќе настапи на 13 и 16 февруари на трките во слалом и велеслалом.
Дардан е роден во 1990 година во Тетово, а скијањето го научил како дете уште на четири години на блискиот скијачки центар Попова Шапка. Во разговор за МИА, Дехари сподели дека на овој начин му се исполнува најголемата желба да учествува на зимските олимписки игри што му претставува и голема лична сатисфакција за вложените напори во ова спортување.
-Се чувствувам исполнето, бидејќи сум бил на сите скијачки натпреварувања. Зимската олимпијада е најголем предзивик за секој спортист, особено за индивидуалните спортови. Но, ништо не е случајно. Да се постигне, да отидеш на Олимписки игри тоа не е случајно, никој не може случајно да стигне до таму. Треба многу работа, многу труд, за да се стигне и да се учествува на зимска олимпијада. Воедно во вакви спортови прашање е дали ќе се оствари бидејќи е спорт во кој се појавуваат и повреди и така. Не секој може да го доживее ова, а се состои од многу работа, тренинзи но и среќа, вели Дардан.
Тој ќе настапи во трките во алпските дисциплини на 13 февруари во велеслалом и на 16 февруари во слалом. Објаснува дека во овој спорт каде важни се стотинките, големо достигнување е самото учество на Олимпијадата со оглед на условите кои ги има за спортување и тренирање во Северна Македонија.
-Учество е најважно таму. Резултатот е нешто друго веќе, бидејќи е значаен патот да го постигнеш до Олимписките игри тоа е најбитно и тоа вреди. Сум скијал за тоа цел живот, сум го барал тоа, и ете Господ даде шанса, рече тетовскиот скијач.
Попова Шапка е местото расадник на илјадници скијачи, па Дардан се радува што е првиот што ќе покаже дека секој таков спортист кој вложува напори може да ја достигне целта наречена учество на олимписки игри.
-Јас научив да скијам на четири години. Па со натпревари на државно ниво почнав на седум години. Во моетото детство идол ми беше Херман Маер, тоа беше скијачот за кој зборуваше целиот свет и така ни беше идол на сите. Сега со пласманот на Олимпијадата, мразот е скршен, патот сега е полесен за другите, рече Дехари.
Пласманот на Зимските олимписки игри Дардан го постигна согласно поените евидентирани во ФИС – Светската скијачка федерација во дисциплините слалом и велеслалом. Рангирањето на листата го има постигнато со неговите настапи на слалом и велеслалом трки во повеќе балкански земји.
-Имаше рок на собирање поени.Се собираат поени од пет неделни трки во последните две сезони. Пресекот на тие пет трки се смета како ФИС листа за Олимписките игри. Од таа ФИС листа јас бев најдобар од другите кандидати од Македонија што беа за Олимписките игри со 58 ФИС поени, да потсетиме дека на оваа листа што помалку имаш тоа подобро, поените се сметаат како пенали. Најдобриот на светот има нула поени и потоа одат нагоре со поените. Во сезоната 2021/2022 постигнав добри резултати приближни на тие ланските и успеав да поправам нешто оваа година. Оваа година го подобрив својот резултат, го објаснува Дардан патот до Олимпијадата.
Тој од октомври 2021 година се подготвува со скијање на глечери во Австрија, по што продолжил со трките во Босна и Херцеговина и во Црна Гора.
-Тоа беа многу добри трки за поени и имаше добра конкуренција. На тие трки скијав добро, имав неколку места во првите десет. Во Црна Гора освоив најдобро, второ место. Трениравме сега и на Попова Шапка неколку дена, да ја темпираме формата на Олимписките игри да бидеме што поподготвени. Мислам дека нема да биде проблем и таму да ја завршиме трката што е најважно, а пласманот кој ќе биде тоа ќе видиме. На Попова Шапка се тренира неколку дена, пред да се оди во Кина, мора да се биде дома во државата. Имавме добри услови за тренинг, вели Дехари.
На Олимпијадата Дардан е еден од тројцата скијачи кои ќе настапат. Ќе оди заедно со скијачите од норидските дисциплини, Ана Цветковска и Ставре Јада. Дардан и Ана ќе ја бидат знаменосци на свеченото отворање на Олимписките игри.
-Тоа е голема чест за мене, да го носиш знамето, тоа е чест за секој спортист да го носи знамето од својата држава на Олимпијада, а и затоа што Олимпискиот комитет го одбира и најдобриот да го носи знамето. Во Пекинг одам заедно со мојот тренер Антонио Ристевски, кој е поранешен скијач. Со него сме 20 години заедно по Европа, на трки и настапи, се знаеме и се разбираме многу добро и одлично функционираме. Се оди најдобро како тандем, објаснува Дардан Дехари.
Македонските претставници на Олимпијадата заминуваат во недела, на 30 јануари. Зимските олимписки игри во Пекинг започнуваат на 4 и ќе траат до 20 февруари.