Минимална плата од 18.000 денари во државата ќе имаа во тој момент кога ќе одлучиме со сите социјални партнери, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на вечераната дебата на емисијата Топ Тема на ТВ Телма, напомнувајќи дека овој дијалог е трипартитен меѓу Владата, синдикатите и работодавачите во рамки на Економски социјалниот совет.
Коментирајќи ги најавите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) дека доколку до понеделник не се усогласат барањата за минималната плата од 18.000 денари, тие ќе стапат во штрајк, вицепремиерот Битиќи, истакна дека едностраните ултимативни решенија не се конструктивни во таков дијалог.
– Сметам дека не треба да се вратиме наназад. Дали ќе има минимална плата од 18.000 денари, да, ќе ја има. Тој момент кога заеднички ќе одлучиме дека минималната плата од висина на која што заеднички ќе одлучиме. Јас сум кажал еднаш и кажувам пак, дали заедничката одлука ќе биде 18.000 или повеќе, тоа ќе биде заедничка одлука на сите социјални партнери. Тоа трипартитен дијалог во којшто одлучуваме кој и колку треба да се покачи во тој момент за да нема штета. Зошто едностраниот начин може да повлече други еднострани решенија, рече Битиќи.
Тој нагласи дека стои на ставот оти секое битно решение за работниците, но и за работодавачите, е можно само преку Економско социјалниот совет и преку дијалог на социјалните партнери.
– Сметам дека воспоставена добра пракса на конструктивен дијалог со сите чинители во општеството не може да не врати шест години наназад, кога сите до еден вклучувајќи го и синдикатот, вклучувајќи ме и мене, вклучувајќи ве и вас како новинари, целото општество, реагираше на едностраниот начин на кој Владата постапуваше во нашето општество, изјави Битиќи.
Тој истакна дека покрај на минималната плата ќе има зголемување и на пензиите.
– Ќе се воспостави до крајот на мандатот минимална пензија за да ја извлечеме одредената категорија на пензионери надвор од прагот на добивање пензија која што не е достоинствена. Минимална пензија ќе има, таа таргетира 45.000 пензионери и јас ќе одговорам, ако сакате да бидете солидарен, праведен и правичен, каква што е оваа Влада, таргетирате 350.000 пензионери, наспроти само 40.000, рече Битиќи.