Македонската ракометна репрезентација ја доби Романија за противник на стартот од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година, одлучи ЕХФ денеска со жрепка во Будимпешта.

Доколку избраниците на селекторот Кирил Лазаров бидат поуспешни во двомечот против Романија, противник во последната фаза за место на ракометниот мундијал, што од 11 до 29 јануари идната година ќе се одржи во Полска и Шведска, ќе им биде репрезентацијата на Чешка.

Македонските ракометари ќе ги почнат мундијалските квалификации на домашен терен на 16 или 17 март, а реваншот е една недела подоцна во Романија.

Доколку „црвено – жолтите“ ја минат првата пречка, воведниот натпревар против Чешка ќе го играат на гостински терен на 13 или 14 април, додека реваншот на домашен терен на 16 или 17 април.

Преостанатите осум двојки од првиот бараж се: Украина – Финска, Италија – Словенија, Португалија – Швајцарија, Австрија – Естонија, Грција – Босна и Херцеговина, Израел – Литванија, Словачка – Белгија и Фарски Острови – Белорусија.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2022 16:48