Обезбедувањето стручен кадар за бизнисот е прашање број еден и така мора да се третира од сите субјекти, не само од државата. Без кадар нема бизнис, без бизнис нема нова вредност, а без нова вредност нема враќање долгови, ниту развој од 4 до 7 отсто за каков што сонуваме, порача денеска претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Комората предлага, преку македонското дипломатско-конзуларно претставништво во Германија да се испратат млади луѓе кои ќе учат од германските искуства и потоа, стекнатото знаење да го пренесат и применат тука.

Како што истакна Азески, Комората прва го покрена решавањето на проблемот се немање стручен кадар во земјава и од нула ја крена бројката на 211 фирми кои лани склучија договори со школите. Годинава, со германска поддршка, се очекува околу 500 компании да се вклучат во процесот на дуално образование.

-Со германска поддршка, годинава оечкуваме околу 500 компании да склучат договори со школите. Тоа е впрочем и наш врвен приоритет зашто пандемијата и кризите ќе исчезнат, но ова е клучно прашање кое мора да се реши. Ако не беа проблемите што ги имаме денес, со пандемијата и енергетско-финансиската криза, ова прашање ќе беше доминантно. Прашањето и е доминантно, но сега е „сокриено“ зад овие проблеми. Владата треба да го стави како врвен приоритет и да направи поместување на средствата од Буџетот за образованието. Ние знаеме дека тоа не може да се направи веднаш, но барем да се распредели во неколку наредни години, истакна Азески.

Владата, додаде, треба да го цени и ова што го прави германската Влада за нас.

-За нашиот назјаначаен трговски партнер и поддржувач треба да направиме повеќе и во црпењето на нивните искуства, а тоа ќе го сториме ако во рамки на нашето дипломатско-конзуларно претставништво испратиме екипа млади луѓе кои ќе ги учат германските искуства, а потоа тука да ги имплементираат. Имаме одличен линк со германските комори, а претставништвото не може да биде третирано како сите останати зашто, сепак, Германија е наш најголем трговски партнер, водечка земја во Европа и нејзината поддршка е многу значајна за нас. Треба да се зголемат капацитетите и да се направи разлика, подвлече Азески по денешниот настан на кој 29 фирми – членки на Стопанската комора добија грант од околу 3,4 милиони евра за да го продолжат дуалниот модел на образование со седум стручни училишта и еден факултет.

Вториот повик за грант кој се обезбедува преку Коморскиот-инвестициски форум и германската Развојна банка, се очекува да биде распишан на крајот од февруари.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/01/2022 15:30