Италијанската глумица Орнела Мути, со родено име Франческа Романа Ривели, сака да стане руска државјанка оти ја смета руската култура за дел од својата, изјави таа во интервју за Тасс.
– Би сакала да добијам државјанство бидејќи тоа е дел од мојата култура поврзана со мајка ми. Таа почина оваа година и тоа ќе ѝ биде подарок, вели Мути.
Мути долго време го учи рускиот јазик, но сѐ уште не го зборува течно.
– Јазикот го учам со апликацијата „Babbel“. Постепено научив кирилица, но граматиката е комплицирана… А, и кога ќе научиш кирилица, сѐ уште ги мешаш буквите. Ми треба вежбање, добро би било да одам на Русија неколку месеци, додаде таа.
Нејзината баба е родена во Санкт Петербург, а потоа со нејзиниот сопруг заминале во Естонија, каде што во време на СССР е родена мајката на глумицата. А таа, пак, е родена 1955, во Рим.
– Мајка ми не знаеше добро руски, но се сеќавам како ми ги пееше песните (на руски јазик): „Баба, баба, баба дојде“, се потсети Мути.
Таа смета дека Италијанците и Русите се прилично блиски народи.
Актерката на 1 февруари ќе биде домаќин на отворањето на познатиот италијански Фестивал на поп-песни во Сан Ремо, кој директно се прикажува на Италијанската државна телевизија, но и во други земји. На 14-годишна возраст, Мути глуми со Дамијано Дамијани во „Најубавата сопруга“ (La moglie piu bella, 1970). Во својата кариера има глумено во околу 100 кино и ТВ-филмови, меѓу кои и оние на режисери како Дино Ризи, Франческо Роси, Марио Моничели, а и во повеќе странски проекти. Можеби е најпозната по улогите покрај Адријано Челентано во „Скротување на непокорната“ (Il bisbetico domato, 1980) и „Лудо вљубени“ (Innamorato pazzo, 1981).