Комисијата за европски прашања на денешната 30. седница ги усвои предлог-законите за инспекциски надзор во животната средина и за вршење сметководствени работи, двата во прво читање и ги даде на натамошно разгледување. За Предлогот на закон за вршење сметководствени работи беше едногласно прифатен предлогот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски меѓу првото и второто читање да биде отворена јавна расправа за предложениот закон.

На почетокот на седницата министерот за животна средина Насер Нуредини ја образложи потребата од донесување на Закон за инспекциски надзор во животната средина, кој воедно е и усогласување со европската регулатива.

– Овој предлог на закон се усогласува со Препораката на Европскиот Парламент и на Советот за обезбедување на минимум критериуми за инспекција во животната средина во земјите членки од 4 април 2001 година. Дополнително, со во овој закон се врши усогласување и со Директивата од 2010/75/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 24 ноември 2010 година за емисии од индустријата и Директива 2012/18/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 4 јули 2012 година за контрола на опасностите од големи несреќи кои вклучуваат опасни супстанции, вели Нуредини.

Тој посочи дека предлог-законот се темели врз начелото за интегриран пристап при вршењето на инспекцискиот надзор и начело на транспарентност и учество на јавноста.

– Со донесување на овој закон ќе се добие од една страна, повеќегодишно планирање на инспекцискиот надзор во животната средина, кој ќе обезбеди надминување на сегашните предизвици со човечките ресурси како и соодветно планирање на инспекциски надзор на централно и локално во согласност со политиките за животна средина. Од друга страна, подетално уредени постапки за итни и вонредни надзори. Новите елементи на овој закон се во насока на координирано планирање на инспекциски надзор на целата територија на државата, истакна министерот Нуредини.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Здравко Трајанов рече дека 50 отсто од општините немаат инспектор за животна средина, што е проблем да се покрие цела територија на државата.

– Колку и да е добар законот, постои можност да остане добар само на хартија а да не се примени во пракса. Кој ќе го спроведува законот ако немате вработено инспектори, рече Трајанов.

Тој забележа дека за спроведување на законот не се предвидени пари, но, како што рече, мора да се вложува во заштита на животната средина, да се вложува во обука на кадри.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова рече дека таа смета оти законот ќе има финансиски реперкусии имајќи предвид дека ќе треба да се вработат инспектори.

Таа препорача на расправата да бидат поканети и невладините организации кои се занимаваат со животна средина.

По едногласното усвојување на Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина, Комисијата за европски прашања продолжи да го разгледува Предлог-законот за вршење на сметководствени работи поднесен од Министерството за финансии.

Предлог законот го образложи државниот советник Магдалена Симоновска, која рече дека со новото законско решение се подигнуваат професионалните способности и вештини на сметководителите.

Таа посочи дека од досегашната примена на Законот се утврди потреба за доуредување на определени прашања поврзани со организацијата на Институтот за сметководители и овластени сметководители, континуираното професионално усовршување, контролата на работењето, надзорот над работењето на Институтот, како и за воведување на стручен испит за влез во сметководствената професија. Дополнително, мандатите на органи и комисии на Институтот се истечени, поради што има потреба и од уредување на начинот на избор на новиот состав на органите и комисиите на Институтот.

– Се предлага надзорот врз работата на Институтот да го врши Советот за унапредување и надзор на сметководствената професија, како независно, регулаторно тело со јавни овластувања, рече Симоновска.

Таа посочи дека законот се усогласува со европската легислатива.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски посочи дека со Предлог-законот се предвидува формирање на Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија, кој ќе го сочинуваат пет членови, од кои тројца ќе бидат по предлог на министерот за финансии, со што се отвора простор политиката да се меша во работата на сметководителите.

Тој побара меѓу двете читања на Предлог-законот да се отвори јавна расправа во која ќе бидат вклучени сите засегнати од законското решение. Предлогот на Стојановски беше прифатен од другите членови на Комисијата за европски прашања.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2022 15:28