Европската комисија денеска прифати граѓанска иницијатива која бара да се заштитат европските вредности во спортот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската граѓанска иницијатива им овозможува на граѓаните на ЕУ, ако ги исполнуваат критериумите, да поднесат иницијатива до Европската Комисија.

Денеска Комисијата соопшти дека е прифатена иницијатива за заштита на европскиот спортски модел.

-Организаторите на иницијативата ја повикуваат Комисија да го заштити европскиот модел на спорт базиран на вредности, солидарност, одржливост и отворен натпревар. Тие бараат од Комисијата да усвои препорака која ќе постави рамка и насоки за земјите членки на ЕУ да го заштитат моделот на фудбалот во Европа, да ја препознаат социјалната вредност на спортот во европското општество, специфичната природа на спортот во правилата на натпревар и да ја зајакнат визијата на ЕУ и долгорочните политики за иднината и управувањето во европскиот спорт, стои во барањето на граѓаните од повеќе земји членки на ЕУ до Европската Комисија.

Прифаќањето на иницијативата од страна на Европската Комисија денеска е само прв чекор и значи дека петицијата ги исполнува формалните правни услови, но Брисел не го прејудицира исходот.

Иницијаторите на петицијата имаат сега шест месеци да соберат потписи од еден милион граѓани во седум различни земји членки на ЕУ, по што Комисијата е обврзана да реагира и да даде позитивен или негативен одговор, придружен од образложение.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2022 15:30