Фондот за осигурување на депозити иако е државна финансиска институција основана со посебен закон, целосно е финансиран од премиите за осигурување на депозитите на физичките лица кои ги уплаќаат банките и штедилниците согласно нивната законска обврска, соопшти Македонската банкарска асоцијација (МБА) во врска со, како што наведува, неодамнешните написи објавени во медиумите со кои се дава неточно известување за правата на доверителите при распределбата на средствата од стечајната маса во случајот со Еуростандард банка АД Скопје во стечај, при што се сугерира да не се почитува Законот за стечај по однос на начинот на намирување на побарувањата на доверителите од ист исплатен ред.

Според МБА, благодарение на неговата поставеност и улога, како и на целосната финансиска поддршка од членовите на Македонската банкарска асоцијација, Фондот за осигурување на депозити дал значаен придонес кон создавање стабилен и сигурен банкарски сектор кој ужива огромна доверба кај штедачите, поради што ваквата реалност не смее да биде загрозена од никого и на ниту еден начин;

– Фондот за осигурување депозити во случајот со Еуростандард банка АД Скопје во стечај, навремено и ефикасно ја изврши својата законска обврска и од средствата на Фондот досега се обесштетени 90 отсто од штедачите – физички лица со право на обесштетување. Статусот на Фондот за осигурување на депозити на доверител со утврдено побарување во предметната стечајна постапка е неспорен за правниот систем на нашата држава, а тоа го потврдија и судовите со свои одлуки. Во таа смисла, очекуваме во рамки на стечајната постапка над Еуростандард банка АД Скопје во стечај целосно да се почитуваат одредбите од Законот за стечај и Фондот за осигурување на депозити како доверител рамномерно и пропорционално да се намири истовремено со сите други доверители од ист исплатен ред, наведува Македонската банкарска асоцијација.

Секоја друга одлука, оценува МБА, би можела да нанесе ненадоместлива штета директно на Фондот за осигурување на депозити, а со тоа и индиректно на банките и штедилниците коишто го финансираат овој Фонд.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2022 12:59