Преку краткорочни вработувања на веќе вработени лица во различни сектори, но и на невработени, ќе се намалува неформалното вработување и непријавената работа во хотелиерството и угостителскиот сектор. Тоа ќе го овозможи платформата за посредување на Хотелската асоцијација (ХОТАМ), финансиски поддржана од Европската унија.
Платформата се имплементира преку Меѓународната организација на трудот, каде може да се пријават заинтересираните работодавачи и потенцијалните работници. Тие ќе добијат и соодветна обука.
Целта на мерката, според Славица Гашоска од ХОТАМ, е генерирање докази дека доколку на работодавачите им се олеснат административните работи за пријавувањето на краткорочните вработувања и им се намалат трошоците за придонеси ќе бидат спремни да ги пријавуваат краткорочно ангажираните вработени, со што ќе се намали работата на црно.
– Преку оваа пилот мерка ќе се генерираат докази дека доколку на работодавачите им се олеснат административните работи во врска со пријавувањето на краткорочните вработувања и доколку им се намалат трошоците за придонеси, ќе бидат поспремни да ги пријават своите вработени, односно тие што ги ангажираат по потреба на ден, два, три, до девет работни денови во месецот, кај еден работодавач, истакна Гашоска.
Работниците, како што појасни претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески, можат да бидат ангажирани најмногу девет дена, кај еден работодавач, но во текот на месецот можат да работат кај тројца. Со пилот мерката ќе бидат опфатени вработувањата во периодот од 1 мај до 31 август годинава во охридско-струшкиот регион. За осум часовно работење на вработените келнери, шанкери, собарки… предвидено е исплата од 1.500 денари, додека дневницата за искусните готвачи ќе биде 3.000 денари. На овие лица, додаде, ќе им се исплаќаат и придонеси, кои ќе влезат во завршниот стаж.
– За почеток дневниците ќе бидат 1.500 денари за келнери, шанкери, собарки… и по 3.000 денари за готвачи од прва класа. Со оглед на тоа дека ќе бидат ангажирани само во одредени денови и има одредено ограничувања колку би можеле таква работа да извршуваат. Многу е битно што ќе биде пријавена работата и нема да биде на црно, а придонесите за пензиско ќе бидат платени од страна на ЕУ преку проектот, додека дневицата ќе ја исплаќа работодавачот, истакна Блажески.
Мерката, според него, нема да го реши проблемот со работна сила во секторот, но ќе го ублажи.
– Таргетот би биле вработени во други сектори, кои сакаат да извршуваат дополнително, повеќе од нивното работно време, додаде Блажески.
Базата, како што истакна Зоран Михајлоски од ХОТАМ, е отворена за секој, кој е заинтересиран да работи екстра или некој што не работи никаде на оваа основа може да работи по девет дена кај еден работодавач.
– Очекуваме дека членките на ХОТАМ ќе се пријават и најпрво тие ќе ги видат бенефититте од платфромата. Ќе имаат пристап до базата на податоци за работна сила која ќе биде потребна во шпицот на туристичката сезона. Ова само ќе ублажи некои шпицови со кои се соочуваме во нормална сезона на работење. Проблемот со ангжаман на работна сила во секторот останува, изјави Михајлоски.
Во рамки на проектот, работниците кои ќе се пријават на платформата за работа во туризмот во март и април ќе имаат соодветни обуки.