Во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ и чествувањата на ликот и делото на охридскиот поет и преродбеник, денеска во Охрид беше промовирана книгата „Охридски раскажувачи“ на авторите проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.

Претставувајќи го делото авторот Пандев рече дека претставува возобновување на охридските традиции, пред се традициите на охридските поети, најзначајните имиња од охридската историја и во тој контекст на охридските раскажувачи.

Пандев во оваа прилика истакна дека охридската проза своевремено мошне високо котирала во македонската литература и лектира, а оваа книга е обид за враќање на нејзиниот сјај.

– Тоа е дел од еден подолг проект што го подготвуваме со Општина Охрид, заедно со Митре Велјаноски како уредник и коавторот Димоски. Овојпат наш предмет на интерес се охридските раскажувачи. Притоа тргнавме по еден хронолошки принцип, при што ни се отвори темата за охридскиот заговор бидејќи сфативме оти охридската раскажувачка проза на современ македонски јазик почнува со охридскиот заговор, продолжува со предилинденскиот период, за потоа за се запоточи во онаа детска литература преку романите на Ванчо Николески, рече Пандев.

Зборувајќи за делото на Николески, Пандев истакна дека тој е автор на неколку историски романи, од кои особено место зазема романот за Гоце Делчев.

– Она што го знаел Николески за Делчев очигледно било дел на една нарација што подоцна нашла место и во македонската историографија. Во оваа книга има и доста македонски прозаисти што беа наши современици со кои заедно сме живееле и сме го оделе трнливиот пат на литературата, како Николески, Димче Маленко се до Зоран Ковачески со кој заедно сме работеле на полето на литературата, рече тој.

Самата книга претставува преглед на 17 раскажувачи кои на некој начин се поврзани со Охрид и Охридско.

– Тоа е пресрет на една линија што се води од илинденците, од охридскиот говор содржан низ текстовите опфатени во книгата се до делата со кои е заокружен процесот на стандардизирање на современиот македонски јазик, рече Перчо Божиновски, промотор на книгата.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2022 15:54