„Провери продавница” (https://proveriprodavnica.com) е платформа на тим од пет студенти од Економскиот и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), едно од трите победнички решенија на хакатон за иновативни решенија кои ќе помогнат за намалување на сивата економија, кој во мај минатата година го организираше Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).

– „Провери продавница” детектира сомнителни е-трговци, го предупредува потрошувачот пред секое посетување на сомнителна интернет-продавница и визуелно ја прикажува валидноста на самата е-продавница преку нејзина автоматска проверка. Новата веб-платформа на македонскиот пазар им овозможува побезбедно онлајн купување на потрошувачите преку автоматска проверка на сигурноста на веб-страниците, соопшти тимот.

Идејата е на студентите Симеон Маркоски и Фидан Стоименов од ФИНКИ и Даниела Мурџеска, Драгана Нелоска и Габриела Козарова од Економски факултет при УКИМ, кои велат дека се работи за непрофитен проект чија цел е да придонесе за доброто на сите онлајн купувачи и за намалување на проблемот со сивата економија во е-трговијата.

-Платформата е веќе активна и започнува да се користи, па секој има можност да направи инсталација на екстензијата или да се информира за рецензиите за некоја веб страна за која е заинтересиран. Платформата ја врши автоматската проверка преку црпење податоци за регистрираните и верификуваните е-трговци од регистарот на АЕТМ, поточно од веб платформата ecommerce4all.mk. Постапката е на принцип на вчитување на страните и проверка дали веб-страницата ги содржи потребните податоци кои секоја фирма законски треба да ги поседува, соопшти тимот на „Провери продавница”.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2022 12:21