Дуо Скупи – музика со уникатен и несекојдневен спој на класиката со народната песна, музика која ви ја плени душата, ве воздигнува и која пред сè гради мостови меѓу народите.

Членовите на Дуо Скупи, Јета Старова Мехмети – флејта и Ермаљ Мехмети – виолина, веќе подолго време работат на својот четврти албум, кој планираат да го издадат во оваа 2022 година. Досегашните три им беа инструментални со преработки, првиот со преработки на стари албански песни и теми, а вториот и третиот албум на стари македонски песни и ора.

Тие, иако не сакат да откриваат детали за новиот четврти албум додека официјално не го промовираат, во разговорот за МИА најавуваат дека освен стари песни од овие македонски простори ќе опфатат и незаборавни стари народни песни, ора и теми од народите на целиот Балкан. Посочуваат дека, како и со досегашните албуми, и со овој прават спој на класиката со народните песни, ора и теми, а во нивната работа и настапите ја имаат поддршката од Министерството за култура.

– Уште повеќе оваа наша музика е мост меѓу народите и уште повеќе со новиот албум ќе го прошириме и ќе го зацврстиме тој културен мост со нови поцврсти мостови и меѓу народите на Балканот и пошироко, потенцира Ермаљ Мехмети, кој, освен што свири виолина во дуото, работи и на преработките од народните песни и аранжманите за музиката која ја изведува заедно со својата колешка и сопруга Јета.

Тие се оптимисти дека корона-пандемијата годинава конечно ќе запре и животот полека пак ќе се врати во некој нормален колосек. Со тоа и нивните настапи на концерти, за разлика од овие две изминати години, дека повеќе нема да бидат редуцирани и со публика во полупразни концертните сали.

Се среќаваме со членовите на Дуо Скупи вторпат во Велес, со Јета и Ермаљ и нивниот седумгодишен син Грамоз, еден од двете деца. Тие ја имаат и ќеркичката, четиригодишната Дорина. На средбата во Велес разговараме за музиката, додека нивната музика пуштена од ЦД ја слушаме во заднина, што ни ја топли душата со убавина од прекрасна музика – спој на класиката и народната песна, која додека ја слушате ве оплеменува и воздигнува.

Повод е успешната концертна турнеја што иако во редуцирани ковид-услови ја имаа во изминатата 2021 година во повеќе градови во земјава, а која поради пандемијата изостана во странство.

Воедно и со прашање и за тоа на што моментално работат – музицираат и творат по работа. Ермаљ е вработен во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Македонија – Скопје, а Јета на Педагошкиот факултет при УКИМ – Скопје.

– Веќе подолго време, а сега поинтензивно работиме на музиката од нашиот четврти албум за кој не сакаме многу да ви откриваме сè додека не биде промовиран. Се надеваме ќе биде во оваа 2022 година. Како музичари ние постојано треба да бидеме подготвени за настап дури и кога немаме настап, потенцира Ермаљ.

Истото го потврдува и Јета, за тоа дека секојдневно и по неколку часа мораат напорно да вежбаат и да музицираат на своите инструменти, а во последниве години многу често доцна ноќе, кога ќе заспијат децата.

Тие информираат дека и покрај ковид-пандемијата во 2021 година, со строги ковид-протоколи и редуцирана публика, сепак со поддршка од Министерството за култура успеаја да одржат неколку успешни концерти во земјава, и тоа во Гостивар, Кавадарци, Велес, Куманово и во Гевгелија.

Во Скопје лани немаа концерт, но затоа пак беа поканети за настап при промоција на книги, изложби и други културни настани.

– Се надеваме дека оваа година некаде наесен повторно ќе одржиме голем самостоен концерт со бројна публика во концертна сала во Скопје. Воедно и со турнеја во други градови во земјава, па се надеваме и во соседните земји и други европски земји и во светот како порано. Сепак, не зависи од нас, туку пред сè од состојбите со пандемијата на ковид, потенцираат Ермаљ и Јета.

Тие воедно и искажуваат благодарност за поддршката што ја имале и ја добиваат од Министерството за култура и на сите со кои успешно соработувале и соработуваат, како и на бројната публика што доаѓа и силно им ракоплеска на нивните концерти и често ги враќа на бис.

Говорат и за музиката која гради мостови меѓу народите.

– Освен со стара македонска и албанска музика ние со новиот албум сакаме да се развиеме со народната музика со балкански призвук со која ќе се опфатат и други фолклорни теми од другите народи кои живеат на Балканот и пред сè во земјите од поранешна Југославија. Се надеваме дека таа музика аранжирана од нас преку класичната музика со изведба на флејта и виолина што е многу ретко на овие простори, изведена од нас – Дуо Скупи ќе биде интересна за слушателите од овие пошироки балкански простори. Тоа ќе значи и зацврстување и градење нови мостови меѓу народите на Балканот и пошироко, потенцираат Ермаљ и Јета од дуо Скупи.

Двајцата додаваат дека во овој балкански фолклор има нешто заедничко и тие токму преку музиката постојано го бараат тој заеднички елемент меѓу народите.

– Со оваа музика даваме придонес во зацврстување и градење нови мостови меѓу народите поради што сме многу среќни. Тоа го правиме на најубав начин преку музиката, која е спој на народната и класичната музика, потенцираат членовите на дуото Скупи – Јета и Ермаљ.

Јета додава дека честопати при нивното истражување на народните песни и ора, може да слушнат дека една иста песна се пее и на албански и на македонски и на турски јазик.

– Тоа е потврда за долгиот соживот на народите на овие македонски и балкански простори, а тоа најдобро може да се види токму преку народната песна, потенцира Јета.

Дуо Скупи велат дека би биле пресреќни кога би свиреле една македонска, албанска, турска, босанска, српска песна, а сето тоа да звучи како една целина.

– Ако имаме мисија, би сакале сето тоа така да прозвучи, потенцира Ермаљ.

Инаку, по двата успешни концерти на Дуо Скупи во Велес во 2019 година во рамките на „Нов културен бран“ и во 2021 година, ние сме со голема надеж на уште еден трет голем концерт годинава, со многу публика на отворен простор со можност за повторно уживање во многу прекрасни стари народни песни во нивни аранжман и изведба.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2022 16:22