Tренерот на Вардар, Давид Дејвис ги искажа своите очекувања пред утрешното гостување на „црвено-црните“ во Нови Сад против Војводина во 2. коло од СЕХА-Газпром лигата.
– Мораме да одиграме многу подобро отколку против Нексе во првото коло. Треба да направиме некои корекции во нашата игра. Само со напорна работа ќе ја подобриме играта на теренот, јас тоа го очекувам од моите играчи. Војводина е опасен тим. Играат многу дисциплинирано. Го имаат во своите редови Прибак, имаат добар голман. Многу се опасни на свој терен. Играчите знаат што барам од нив. Очекувам чекор по чекор да се подобруваме, истакна Дејвис.
Игра на победа и освојување на првите бодови сезонава во регионалното натпреварување, најави десното крило Дарко Ѓукиќ.
– Нема да биде ни малку лесно. Тие играат дома, ние допрва треба да се покажеме во добро светло. Одиме на победа. Тие најмногу се зависни од играта на Немања Прибак и на десниот бек Јовица Николиќ. Нашата цел е да одиграме добра одбрана, да имаме што помалку грешки и секако да сме добри во офанзивата. Мораме да го добиеме овој натпревар, изјави Ѓукиќ.
Натпреварот Војводина – Вардар ќе се игра утре со почеток во 17:30 часот.