Светската програма за храна (WFP) денеска предупреди дека околу 13 милиони луѓе во Кенија, Сомалија и Етиопија страдаат од глад, во регионот погоден од најтешката суша во последните децении.

Агенцијата на ОН соопшти дека посевите се уништени поради сушата и дека голем број животни угинале, поради што семејствата од руралните средини ги напуштат своите домови.

– Водата и пасиштата се дефицитарни, а метеоролозите предвидуваат дека врнежите ќе бидат под годишниот просек во наредните месеци, што ќе придонесе за влошување на ситуацијата, изјави регионалниот директор на Светската програма за храна, Мајкл Данфорд.

ОН наведува дека е потребна итна хуманитарна акција за да се избегне криза како таа во Сомалија во 2011 година, кога 250.000 луѓе умреа од глад.

Според експертите, климатските промени влијаат на зачестеноста на екстремните временски услови, а најпогодена е Африка, иако континентот најмалку придонесува за глобалното затоплување.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2022 18:45