За најголем дел од извозно ориентираните компании во земјите од регионот или за 96,4 отсто од нив иницијативата Отворен Балкан би можела да отвори можности за подобрување на нивното работење и економски раст, покажува првото квантитативно и квалитативно истражување „Перцепцијата на извозно ориентираните компании во Македонија за Иницијативата `Отворен Балкан`“ спроведено од Организацијата Аналитика тинк-тенк.
Пречки за остварувањето на економската соработка не гледаат 89,3 отсто од компаниите, но, 10,7 велат дека има и оти се однесуваат на долгите чекања на границите, голем број давачки и преголемиот број административни документи и сметаат дека тоа е нешто што во иднина треба да се промени.
Тамара Мијовиќ Спасова, извршен директор Аналитика тинк тенк, презентирајќи ги наодите од истражувањето истакна дека речиси седум од десет компании се изјасниле оти има постојано унапредување на условите за извоз, а три оти тие се во стагнација. Кај голем дел од нив постои перцепција дека при извоз во ЕУ процедурата е поедноставна и побрза и очекуваат тоа да се случи и со извозот во регионот со цел поголема економска соработка во интерес на сите земји.
– Речиси осумдесет отсто од испитаниците, сметаат дека иницијативата „Отворен Балкан“ ќе го олесни движењето и на луѓето во целост, а 17,2 отсто дека тоа ќе биде во голема мера. Само 3,4 отсто од компаниите сметаат дека иницијативата нема да промени ништо, рече Мијовиќ Спасова.
Таа вели дека истражувањето покажало и оти најголем дел од испитаниците сметаат дека најголемо олеснување во однос на движењето на капиталот е потребно кај директните инвестиции – 41,7 отсто и кај лични движења на капитал 33,3 отсто.
Премиерот Димитар Ковачевски кој присуствуваше на почетокот на презентацијата смета дека иницијативата „Отворен Балкан“ отвора можност за бришење на границите како административни бариери, и ги овозможува остварувањето на четирите европски слободи за движење на луѓе стоки услуги и на капитал. Затоа, како што рече, очекува покрај Македонија, Албанија и Србија дел од неа да станат и другите земји.
-Иницијативата може да доведе до окрупнување на пазарот до кој ќе имаат пристап земји во регионот. На наков начин ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни и уште поподготвени за натамошен развој, рече Ковачевски.
Според него, иницијативата значи меѓусебно економско поврзување со јасна намера граѓаните во државите да имаат директни економски придобивки. „Отворен Балкан“ рече тој, не е алтернатива за членство во ЕУ, туку комплементарна активност за примена на европските вредности на регионално ниво.
Извршната директорка на Фондација Отворено Општество – Македонија Фани Каранфилова-Пановска, организација со чија поддршка е спроведено истражувањето, посочува дека кога се зборува за Отворен Балкан се зборува, пред се, за надминување на економските и трговските препрек, но, како што нагласи, генерално и на општествените препреки кои го забавуваат растот воопшто, а пред се растот на економијата во регионот.
-Спроведувањето на четирите слободи и воспоставувањето на единствениот регионален пазар по терк на пазарот на ЕУ има огромен потенцијал да ја поттикне трговијата и размената, да го поттикне и зголеми вработувањето, да го зголеми и да го економизира искористувањето на ресурсите во регионот, нио и да ги зголеми инвестициите. Со еден збор да се зголеми економскиот развој и на тој начин, не само да го олеснат животот на граѓаните, туку и да го унапредат на среден и на долг рок, рече таа.
Според неа, „Отворен Балкан“ како иницијатива за соработка е, како што истакна, иницијатива за подобра заедничка иднина, која нуди не само повисок животен стандард на сите, туку и безбедност и мир, и иницијатива која ќе ги остиви во минатото недоразбирањата на соседните држави во регионот.
Главна цел анализите што беа презентирани денеска, според Аналитика тинк-тенк, е сеопфатно мапирање на клучните актери и нивните позиции и предлог препораки за подобрување и зајакнување на соработката во рамки на „Отворен Балкан“ иницијативата.