Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) заедно со туристичкиот сектор по две години пауза се дел од најголемата интернационална саемска манифестација во Истанбул, Турција. За туристичкиот саем „ЕМИТТ“ оваа година е јубилејна, одбележува 25 години постоење и се одржува од 9-ти до 12-ти февруари 2022 година.

Оваа година АППТ го претставува туристичкиот потенцијал на „ЕМИТТ“ заедно со пет учесници, Фибула Травел, Генерал Турист, Бадем Тур, ДМЦ Балканс, Радика ресорт на 40 метри квадратни.

-Во фокусот на саемската туристичка промоција се традицијата, гастрономијата и туристички производи кои ги поврзуваат македонскиот и турскиот народ во делот на културното наследство. Конкурентноста на македонскиот туристички производ на светскиот пазар се вековната традиција на нашата држава, природните богатства и историја, како и етничката разновидност на нашата земја, соопшти АППТ.

Нашиот штанд го посети министерот за туризам и култура на Турција и градоначалникот на Истанбул, поголем број на туроператори од Турција и медиуми за кои се дадоа изјави и се договорија информативни патувања.

– Се прават преговори за отпочнување на авиолинија Измир-Скопје и воспоставување на чартери Истанбул – Охрид. Турскиот пазар е многу значаен за македонскиот туристички сектор бидејќи се очекува во 2022 година да порасне за 30 отсто во однос на 2021 година, што ќе овозможи нивен подолг престој во нашите дестинации и значителен удел во девизниот прилив од туристичката индустрија, стои во соопштението.

-Ова е првата саемска манифестација каде Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот организирано се претставува со поголем број на македонски туроператори по отпочнување на пандемијата, зголемувајки ја промоцијата на македонските туристички потенцијали. Несомнено ова претставува силна порака дека туризмот започнува со закрепнувањето многу побрзо отколку што се очекуваше, а интересот за нашата дестинација е исклучително голем кај туриските туропертори кои С Македонија ја имаат поставено со повеќе програми за сезоната 2022 година, истакна директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.

Со саемското претставување на „ЕМИТТ“ туристичкиот сектор отвора нови можности за зголемување на бројот на турски туристи, кои изминатата година беа во првите топ посетители со 22.294 туристи кои ја посетиле нашата држава.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/02/2022 14:52