Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и словенечкиот амбасадор во државава Милан Предан на денешната средба разговараа за соработката во полето на економијата и поддршката од Словенија за евро-интеграциските процеси на нашата земја.

За време на состанокот Битиќи се заблагодарил за политичката поддршка од Словенија во процесот на отворање на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, при што истакнал дека стекнатото словенечко искуство и експертиза ќе биде од големо значење за нашата земја во овој процес.

Амбасадорот и вицепремиерот разговарале за економската соработка меѓу двете земји, и констатирале дека таа е на задоволително ниво, Словенија е 15-от трговски партнер на нашата земја. Како што соопштија од Кабинтетот на вицепремиерот, двајцата соговорници на средбата го поздравиле растот на трговската размена од 12,4 отсто и растот на извозот од нашата земја кој е со стапка од над 20 отсто во 2021 година во споредба со годината претходно.

-Во нашата земја се реализирани и неколку значајни инвестиции во производствени капацитети, а Словенија е една од земјите од Балканот кои даваат најголема поддршка за реализација на проекти на локално ниво, за подобрување на животот на граѓаните, потенцираат во соопштението.

Битиќи и Предан заклучиле дека потенцијалот за соработка не е целосно искористен и оти во периодот кој следува, преку активна комуникација и соработка, ќе се направат ангажмани за да максимално биде исполнет целиот потенцијал.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/02/2022 16:07