Тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, верува дека неговите избраници можат да му се реваншираат на Ним за поразот во Битола во натпреварот во Европската лига.
Токму францускиот во октомври минатата година им го нанесе последниот пораз на битолчани.
– Ним е физички јака екипа, играат многу „еден на еден“ и многу трчаат. Впрочем, играат француско првенство, кое има свои карактеристики. Ние можеби го одигравме најлошиот натпревар против нив во првиот дел на Европската лига. Мислам дека ќе биде овој пат поинаку. Ние сме ментално многу цврсти, спремни и имаме наши шанси. Сепак, мора да бидеме спремни да играме шеесет минути, да бидеме тактички дисциплинирани, фокусирани на задачите, да бидеме цврсти во дуелите и да не заборавиме кои се нивните карактеристики. Сакаме и верувам дека можеме да извлечеме позитивен резултат. Лесно нè победија во Битола, но потоа се мачеа во групата. Ние веќе четири месеци сме без пораз. Добро е што остваривме големи работи во Европската лига, но сега треба да играме за тоа за што дојдевме. А тоа е да освоиме уште некој трофеј, или можеби два, и да стигнеме што е можно подалеку во Европската лига, бидејќи имаме добра шанса за тоа, изјави Бабиќ.
Натпреварот Ним – Пелистер е закажан за утре со почеток во 18:45 часот.