Започнаа работните активности за изградба на паркинг простор за над 60 возила, во населбата Расадник, во близина на бензинската пумпа кај „Мечкаров“. Жителите од овој дел ќе добијат простор на површина од околу 400 квадратни метри, на кој ќе можат да ги паркираат своите возила, информира Општина Кисела Вода.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, заедно со директорот на ЈП „Градски Паркинг“, Бојан Христовски присуствуваа на почетокот на градежните активности кои треба да бидат готови за околу две седмици.
– Како градоначалник, но и како жител на општина Кисела Вода, свесен сум за недостигот на простор за паркирање и за потребата од изнаоѓање на нови локации каде нашите жители ќе можат да ги оставаат своите возила, без да пречат едни на други. Покрај тоа што сериозно се зафативме со претворање на дивите депонии во зелени паркови, еден дел од нив, ќе ги уредиме и како паркинзи. Ова беше и главната тема на која денес разговаравме со Христовски, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Христовски посочи дека на работниот состанок со градоначалникот ги разгледале сите можности околу изнаоѓање на нови локации за изградба на паркиралишта во општина Кисела Вода, како урбана заедница која постојано се модернизира и расте.
-Со градоначалникот имавме успешна средба на која се отворија многу теми околу подобрувањето на услугите што ги дава нашето градско претпријатие. Организацијата на сообраќајот во мирување има голема улога во квалитетот на одвивањето на сообраќајот во градот, посебно во урбани средини како што е Кисела Вода. Со денешниот прв заеднички проект, се надевам дека почнуваме со изнаоѓање на квалитетни и трајни решенија за жителите на оваа општина, изјави Христовски.
Пред два месеци, Општина Кисела Вода изгради паркинг простор за 60 возила и на улицата „Бранко Заревски“ во населбата Драчево.