Македонскиот ракометен првак Вардар вечерва забележа победа на гостувањето во Франција кај Монпелје со 28:25.
„Црвено-црните“ ја прекинаа серијата од осум натпревари без триумф и седум порази по ред.
Францускиот интернационалец Оливие Њокас со пет голови е еден од најзаслужните за триумфот на Вардар. Тој го потенцира придонесот на тренерот Давид Дејвис кој е повратник во редовите на македонскиот шампион.
– Ова е одличен резултат. Секогаш е добро да се дојде и да се победи во Франција. Имавме многу разочарувачки почеток на сезоната, што воопшто не одговараше на нашите очекувања, но откако дојде Давид [Дејвис] му даде задача на секој играч и ние го направивме она што тој го побара од нас. Ова е еден добар резултат, но сега мора да продолжиме да победуваме, истакна Њокас.
Вардар со седум бодови од 11 натпревари се наоѓа на 6. место во А-групата од елитното ракометно натпреварување.