Линда Еванџелиста, која минатиот септември призна дека била „обезличена поради неуспешна естетска операција“ во 2015 година, првпат го покажа својот нов изглед. Досега, манекенката која е среде шестото десетлетие од својот живот, наводно не сакала да се појави во јавноста поради операцијата.

Во својата прва фотосесија „по шест години самотија“, таа се најде на насловната страница на списането „Пипл“ (People) и говори како „сега се плаши да запознае“ нови луѓе. Супермоделката признава дека не само што изгледа „непрепознатливо“, туку ги загубила и сите приходи, а згора на тоа страда од депресија. Причината е што таа била „брутално обезличена“ по ретка несакана последица од зафатот наречен „студено вајање“ (CoolSculpting).

Процедурата на која Линда беше подложена меѓу август 2015 и февруари 2016 година требаше да ги намали нејзините масни клетки, но наместо тоа развила масна хиперплазија – покачување на масните клетки. Со солзи во очите при интервјуто, манекенката признава дека „веќе не може да живее во оваа болка“ и конечно е подготвена да проговори.

Еванџелиста ја тужи „Зелтиг естетикс“ (Zeltiq Aesthetics Inc.), за отштета од 50 милиони долари поради неуспешна операција. Корпорацијата одговори на нејзините тврдења и соопшти дека „зафатот е добро истражен со повеќе од 100 научни трудови“ и над 11 милиони зафати извршени во светот.

„Ретките несакани последици како во случајот на Еванџелиста и натаму се добро документирани во информациите за ’CoolSculpting‘,“ соопштија од естетската корпорација.

Канаѓанката Линда Еванџелиста, инаку икона на модната писта од 90-тите, се појави во светот на модата со ѕвезди како Синди Крафорд и Наоми Кембел. Во една објава на Инстаграм рече дека таа никогаш не била предупредена за опасностите од естетскиот зафат.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/02/2022 12:58