Британскиот трговски претставник за Западен Балкан Мартин Викерс ја посети фабриката на Џонсон Мети во Македонија. За време на обиколката, Викерс и менаџерскиот тим на компанијата разговараа за детали за деловната клима во земјата, за потенцијалот за понатамошна идна соработка, како и за важноста на билатералните врски меѓу двете земји.
– Џонсон Мети е одличен пример за британските бизниси во Северна Македонија кои придонесуваат за трговските односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија и создаваат значаен елемент од Бруто домашниот производ на Северна Македонија. Горди сме на таа врска и сакаме да ја видиме како продолжува и се проширува. Ни беше чест да бидеме домаќини на Викерс и да го споделиме нашето искуство и да го прикажеме најсовремениот објект, соопштија од компанијата.
Боријан Борозанов, директор на Џонсон Мети во државава, додал дека Македонија е стратешка локација за Џонсон Мети, а одличните и посветени луѓе кои работат во Џонсон Мети Македонија, придонеле во голема мера за успехот на компанијата и позитивниот напредок на целокупната економска и социјална средина во земјата.
– Ние сме и ќе продолжиме да бидеме лидер во промовирањето на најдобрите деловни практики, највисоките стандарди за здравје и безбедност и бројни програми за вклучување на заедницата, се наведува во соопштението.
Џонсон Мети денес во Македонија создава повеќе од 25 процент од вкупниот извоз, достигнувајќи 1,870 милиони евра во 2021 година. Фабриката во индустриските зони во Скопје е една од технолошки најнапредните светски фабрики на Џонсон Мети во светот, која вработува околу 1.000 луѓе на локално ниво.