Под мотото „Пријателство преку спорт“, денеска на Воениот стадион во Скопје беше одбележан 18-ти февруари – Денот на меѓународните воени спортови, при што се одржаа натпревари во фудбал, кошарка, пинг-понг и трчање во машка и женска конкуренција на натпреварувачите од единиците на Армијата.
Заменикот министер за одбрана Башким Хасани денеска во своето обраќање на настанот им посака успех на натпреварувачите и им порача да дадат сè од себе.
–Сигурен сум дека сите ќе дадете сè од себе да бидете победници, но секогаш покажувајте почит еден кон друг, толеранција, взаемно разбирање, прифаќање и фер игра во текот на сите натпревари. Покажете ги своите вештини на теренот во име на пријателството. Убеден сум дека со вашите настапи ќе ги направите вашите единици горди на вас, рече Хасани.
На свеченоста беа прогласени победниците на спортските натпревари и доделени признанија за најдобри спортисти од Армијата за 2021 година.
За најдобар армиски спортист, победник на сите атлестки армиски натпреварувања беше прогласен десетар Милош Ранчиќ. Вториот најдобар спортист во Армијата е европскиот првак во кајакарство, професионалниот војник Љубомир Спасиќ, а трет е професионалниот војник Антонио Димовски, кој е најдобар стрелец на регионалниот ЦИСМ футсал куп во Сараево, БиХ.
–Армија на Република Северна Македонија е полноправна членка на Меѓународниот совет за воени спортови од 2005 година, а припадниците на Армијата со своето учество на спортските настани континуирано се истакнуваат со успешни резултати. Преку програмите на Меѓународниот совет за воени спортови, покрај учество во натпреварите се придонесува за развој на меѓуармиската соработка, пријателството и мирот во регионот и во светот, соопштија од Министерството за одбрана.