Полициски службеници од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај во Дебар, продолжуваат со акциските контроли во сообраќајот со цел, зголемување на степенот на сообраќајната безбедност.

Во тие рамки вчера на подрачјето на Дебар и Центар Жупа, спроведена е контрола во однос на почитувањето на дозволената брзина на движење.

-Вчера во периодот од 12 до 18 часот, на подрачјето на ОВР-Дебар извршени се засилени сообраќајни контроли при што, на ова подрачје, полициските службеници санкционирале 22 возачи кои управувале моторно возило со поголема брзина од дозволената. Од нив 10 надвор од населено место, додека останатите 12 во населено место. Против овие возачи преземени се соодветни законски санкции, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Додаде дека на ноќта на 19/20 месецов, од 22 до 4 часот, во реализираните сообраќајни контроли затекнато е само едно лице, при управување моторно возило под дејство на алкохол, кое е веднаш исклучено од сообраќај, одземени му се возачките документи и поднесен соодветен платен налог.

-Упатуваме апел до сите учесници во сообраќајот, доследно да се придржуваат до сообраќајните правила и прописи, а посебно возачите на моторни возила да ја приспособуваат брзината според поставената сообраќајна сигнализација и според условите и состојбите на патот, апелира Димоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/02/2022 13:10