По повод Светскиот ден на извидниците – 22 Февруари, Сојузот на извидници на Македонија во соработка со Црвениот крст на Република Македонија денеска ќе организира крводарителската акција, од 10 до 18 часот во просториите на старо Матично во близина на Општина Центар.
Сојузот соопшти дека на крводарителската акција, која е меѓу повеќе други активности, добредојдени се сите граѓани со наполнети 18 години, кои се во добра здравствена состојба и имаат желба да направат добро дело.
Активностите по повод Светскиот ден на извидниците и роденденот на основачот на извидништвото, Баден Пауел, се организирани од 22 извиднички одреди во 17 градови во земјава.
Под мотото „Направи добро дело“ се организираат крводарителски акции, социјална помош за лица на кои им е најпотребно, собирање донации, инклузија на деца и млади со помалку можности, згрижување улични животни, грижа и заштита за животната средина итн.
Сојузот на извидници на Македонија повикува на вклучување во кампањата #НаправиДоброДело и објавување на добрите дела на социјалните мрежи со користење го тагот #НаправиДоброДели и #scoutsmacedonia.
– Извидничкото движење продолжува да биде најголемата организација за деца и млади во Македонија со преку 2500 членови, која придонесува во неформалното образование и физичкиот, социјалниот, психичкиот, интелектуалниот и емотивниот развој на децата и младите, соопшти Сојузот на извидниците.