Македонија нуди широка лепеза на можности за инвестиции во производството, енергетиката, градежништвото, туризмот и земјоделството, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во седиштето на Стопанската комора на Дубаи каде заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини остварија средба со претседателот и извршниот директор Хамад Буамим и потесниот менаџмент на комората.
Стопанските комори, посочи, се креатори на идеи кои нудат решенија за реалните проблеми на бизнисот, а за време на состанокот ги презентираше и можностите за инвестирање во нашата земја при што истакна дека покрај широката лепеза на мерки за поддршка за инвестиции во производството, енергетскиот сектор, земјоделството, градежништвото, туризмот, нуди и заштита на животна средина во делот за фабрики за обработка на отпад, како дел од циркуларната економија.
-Македонија е веројатно земја со најдобри услови за водење на бизнис во Западен Балкан, но и пошироко. Имаме инструменти со кои ги поддржуваме компаниите да инвестираат во производствени погони и во земјата се застапени голем дел на компании кои се во синџирите за снабдување на големите меѓународни автомобилски компании. Со новиот Закон за енергетика и Стратегијата за развој на енергетика до 2040 година, отворивме широк фронт на инвестиции во обновливи извори на енергија, особено фотоволтаици и ветерни електрани, што на среден рок ќе обезбеди стабилно, еколошко и одржливо снабдување со електрична енергија, рече Битиќи.
Гледаме можности, додаде, за зголемување на соработката и во земјоделското производство, со оглед на тоа што Дубаи и Обединетите Арапски Емирати увезуваат околу 95 отсто од потребите за храна.
-За унапредување на соработката во било кој сектор, би било од обостран интерес да се возобнови директната авионска линија Скопје-Дубаи“, потенцираше Битиќи и упати покана официјална делегација од Стопанската комора на Дубаи да ја посети земјава за да дознае повеќе за можностите за инвестирање.
Министерот Нуредини истакна дека Македонија презема сериозни чекори за зачувување на животната средина и заштита на природните ресурси кои се важни за сите граѓани, како што се водата и воздухот. Тој додаде дека се реализираат голем број на комунални инсфраструктурни објекти и пречистителни станици, а во план е да се реализираат и неколку инвестиции во фабрики за преработка на отпад, за унапредување на циркуларната економија и паметно искористување на достапните ресурси.
Соработката помеѓу Македонија и Емиратот Дубаи има потенцијал да се развива со побрза динамика од досегашната, заклучија на состанокот вицепремиерот Битиќи, министерот Нуредини и претседателот на Стопанската комора на Дубаи, Буамим и притоа се согласија да се продолжи меѓусебната комуиникација и да се разменат дополнителни информации на сите нивоа, за да се зголемат можностите за економска соработка.
Битиќи и Нуредини ја предводат владината делегација, која е во дводневна официјална посета на Обединетите Арапски Емирати.
На средбата во комората присуствуваа и нашиот амбасадор во ОАЕ, Абдулкадар Мемеди, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, како и претставници на четирите најголеми стопански комори: Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Македонија, Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори, Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија и Анета Антова Пешева, претседателка на МАСИТ. Тие допатуваа во Дубаи, за промоција на нашата земја во рамките на свеченоста за Националниот ден на Македонија на Експо Дубаи 2020, кој ќе се одржи денес и за Бизнис конференцијата која ќе се одржува утре.