Министерот за локална самоуправа Горан Милевски и косовскиот министер за регионален развој, Фикрим Дамка денеска остварија работен состанок на којшто ги разгледаа конкретните решенија што можат да ги преземат во однос на реализација на меморандумот за соработка што двете држави го потпишаа минатата година. Најавен е нов повик во вредност од три милиони евра за проекти што ќе придонесат за регионален развој и прекугранична соработка.
-Ние како две држави соработуваме меѓусебно во регионалниот развој уште во 2010 година со ИПА 1 и ИПА 2 Програмата за меѓугранична соработка. Досега се имплементирани 20 проекти, од коишто 18 се целосно, а два се во фаза на имплементација во вредност од 7,4 милиони евра. За овој долг период можеби не се тоа големи средства, затоа кон средината на март ќе објавиме уште еден трет повик во вредност од три милиони евра, рече Милевски на денешната прес-конференција.
Во рамки на третиот повик, министерот апелираше до сите општини, невладини организации и сите институции коишто имаат можност да аплицираат, да ги подготват своите проекти во областа на заштитата на животната средина, заштитата на културното наследство и развојот на туризмот во овој меѓуграничен регион помеѓу Македонија и Косово.
Тој додаде дека е задоволен што благодарение на ИПА инструментот на Министерството за локална самоуправа, реконструиран е и граничниот премин Белановце – Станчиќ.
– Се разбира, ќе се разговара и за она што следува со ИПА 3 Програмата којашто ни следи и иако не е директно надлежно Министерството за меѓународен развој, ги допира точките од регионалниот развој, како и искористување на сите други можности за поблиска соработка на двете држави да ја унапредиме и соработката и регионалниот развој на сите полиња, рече Милевски.
Министерот за регионален развој на Косово, Фикрим Дамка, пак, најави дека ќе ги разгледаат можностите за примена на проектите од Европската Унија со меѓусебна соработка на двете земји и ќе ги споделат добрите практики коишто ќе ги имплементираат двете министерства.
Дамка истакна дека целта на двете министерства е да го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните на двете земји.