Како и минатата година така и годинава, во земјава нема да се организира шампионат во брзински автомобилизам на кружни патеки, бидејќи на конкурсот за пријавување на клубови кои ќе ја превземат организацијата на овие натпревари не пројави интерес ниту еден клуб во земјава. Тоа е причина и на автодромот во Кичево, „Македонската Монца“, втора година по ред да нема брзински натпревари.

-За жал и во оваа календарска година земјава ќе остане без шампионат во брзински автомобилизам на кружни патеки, бидејќи на конкурсот за организатор на овие натпревари не се пријави ниту еден клуб, а со тоа се подразбира пропадна и шансата да се организира шампионат на кој треба да се одржат барем четири натпревари за да можат да се прогласат шампиони во повеќе класи, вели генералиот секретар на АФМ, Ранко Станојкоски.

Проблемот е во се потешката економска ситуација во земјава од која не се исклучок ниту автоклубовите, што се реперкуира и врз немањето интерес за организирање на овие натпревари, додава Станојкоски и појаснува дека во оваа календарска година ќе има само шампионат во ридско-брзински натпревари на патеката „Пониква“ кај Кочани, кога во два викенда ќе се одржат по две трки на крајот од пролетта и почетокот на есента и исто толку слалом трки во два викенди по два натпревари, со што ќе биде заокружен годинешниот календар.

Станојкоски нагласи дека автомобилизмот е еден од најскапите спортови кој бара многу пари, а кризата која ја зафати земјава, не го остави имун ниту овој спорт и тоа е најголемиот проблем и хендикеп што во не се вози кружен шампионат, ниту календар со повеќе ридско-брзински натпревари на сите патеки, како тоа што се случуваше претходните сезони.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2022 15:53