Новинарот и автор Кајл Бјукенен ја објави својата деби-книга „Крв, пот и хром: Дивата и вистинска приказна за ’Лудиот Макс: Патот на бесот’,“ која исцрпно објаснува како режисерот Џорџ Милер го создаде долгоочекуваниот четврти филм во неговиот серијал „Лудиот Макс“ (Mad Max).

Сместен во постапокалиптична пустелија, хит-филмот од 2015 година ја следи воената императорка Фуриоза (Шарлиз Терон), која се здружува со Макс Рокатански (Том Харди) за да превезе група затворенички во безбедното засолниште Зелено место. Филмот заработи 10 номинации за „Оскар“, меѓу кои и за најдобар филм, а освои шест во техничките категории.

Во книгата, Бјукенен, пренесувајќи ги зборовите на глумицата Зои Кравиц, открива дека Том Харди бил „прилично агресивен“ кон Шарлиз Терон. Филмот се снимал девет месеци во Намибиската Пустина и во Јужна Африка. Глумците биле крајно изолирани, па и фрустрирани од екстремните услови, но и начинот на работа на режисерот Џорџ Милер – тие често снимале без сценарио и – сцени од по неколку секунди. Тоа значи, тие може да снимаат и 14 часа, а на филмот тоа да трае 30 секунди.

„Беше тешко да се биде околу Том. Тој навистина имаше мигови на фрустрација, на лутина. Шарлиз беше истата, но чувствувам дека тој најмногу му беше лут на Џорџ, а тоа беше непријатно да се гледа“, сведочи Кравиц.

Шарлиз Терон и Том Харди И Шарлиз потврдува дека односот со Харди бил исклучително лош.

„Или се каравме или ‘се гледавме попреку’ – не знам што е полошо! Беше ужасно! …И, должам огромно извинување“, рекла Терон.

Одговорниот за камера, Марк Гелнихт сведочи дека глумицата побарала и „некого за заштита“. Таа потоа постојано била со еден човек од продукцијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/02/2022 12:17